• четврток, 26 декември 2024

Учебната година не започна за децата упатени во воспитно-поправен дом

Учебната година не започна за децата упатени во воспитно-поправен дом

Скопје, 1 септември 2023 (МИА) – Учебната година за децата во Воспитно-поправниот дом Волковија-Тетово не започна денеска, откако Владата на прашањето на МИА до каде е постапувањето по барањето на Народниот правобранител кој бара без одлагање да се преземат мерки со цел да се задолжи надлежното министерство и образовните институции, на заедничка средба да го разгледаат прашањето за образование во Воспитно-поправните домови, одговори дека тоа ќе се разгледува на некоја од наредните седници.

- Информацијата со предлог за преземање мерки испратена од страна на Народен правобранител е доставенa до Владата на 27.07.2023 година и истата ќе се разгледа на една од наредните владини седници, информираа од Владата за МИА, од каде дополнуваат дека јавноста ќе биде навремено известена кога ќе биде донесена одлуката.

Директорот на Волковија, Даниел Антовски, во изјава за МИА денеска рече дека децата од ВПД, наместо прв училишен час, во моментов се на еднодневна екскурзија во Охрид, а додека се донесат законските измени, тие се во преговори за онлајн настава преку проект финансиран од УНИЦЕФ.

Во информацијата до Владата на Република Северна Македонија, Народниот правобранител наведува дека очекува Владата сериозно да ја разгледа оваа Информација и да се изнајде привремено, соодветно решение за непречено образование на децата/младите од ВПД Волковија, Тетово, до евентуално донесување на предложените законски измени, односно воспоставување на формален образовен процес и континуитет на истиот за штитениците во ВПД Тетово.

Дисконтинуитетот во образованието за штитениците во ВПД-Тетово, каде се сместуваат машки деца кои дошле во судир со законот, не е новина, а истото важи и за женските деца, кои се сместуваат во Идризово.

Во серијата стории, кои МИА и „Само Прашај“ ги објавија за состојбата во домот констатирано е дека штитениците во Волковија имаа прекин во образованието во повеќе наврати.

Станува збор за основно образование на повозрасна група деца, кои од различни причини пред да се упатат во домот не успеале да го завршат задолжителното основно образование. 

Во ВПД-Тетово се упатуваат деца кои се судриле со законот на возраст од 14 до 21 година, поради тоа што и нивното образование мора да се прилагоди на возраста, како и на степенот на подготвеност кој го имаат.

Основното образование за штитениците во Волковија своевремено се спроведуваше преку проект на Министерството за образование и наука и УНДП, пракса, која се применува изминативе години. Решението е ад-хок, од година за година, процесот е непостојан, а по завршувањето на школската година тие деца не добиваат класични дипломи, туку потврди за завршен одреден степен на образование, кои немаат важност на јавна исправа. За трајно решавање на овој проблем потребни беа законски измени. 

- Правото на образование е уставно загарантирано право. Членот 44 од Уставот на Република Северна Македонија пропишува дека секој има право на образование. Образованието е достапно за сите под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно. Согласно Законот за средно образование, средното образование е задолжително за секој граѓанин, под еднакви услови, утврдено со овој закон, нагласи Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која, исто така, утврди директна продолжена дискриминација во пристапот до задолжително образование од страна на Министерството за образование и наука кон децата на кои им е изречена мерка „упатување во Воспитно-поправен дом“. 

Според Правобранителот, ваквата состојба, која ја образложи и во својата информација до Владата, е загрижувачка, и претставува повреда на правото на образование за кое МИА веќе подолго време пишува и бара одговорност од надлежните институции. ар/аа/

ФОТО/МИА

Остани поврзан