• четврток, 26 декември 2024

Утре ќе се освети сечесниот храм на Мајката Божја во село Ростуше, вечерва ќе бидат отворени дверите на храмот

Утре ќе се освети сечесниот храм на Мајката Божја во село Ростуше, вечерва ќе бидат отворени дверите на храмот

Дебар, 29 јули 2023 (МИА) - Црква посветена на Пресвета Богородица, во долнореканското село Ростуше, која е изградена со многу љубов и големи заложби на Бигорското братство, предводено од апископот Антаниски г. Партениј и на иницијативниот одбор од ова село, утре ќе биде осветена а според програмата активностите почнуваат од вечерва.

- Во сабота, 29 јули 2023 година, со почеток во 18 часот ќе се изврши Отворањето на Дверите на новоизградениот Храм на Пресвета Богородица во с. Ростуше. Во продолжение ќе биде отслужена голема празнична архиерејска Вечерна, на којашто ќе претстои игуменот на Свештената Бигорска Обител, Неговото Преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј. За време на Вечерната богослужба, за поклонение ќе бидат изложени Светите Мошти коишто ќе бидат вградени во Светата Трпеза, информираат од Бигорскиот манастир.

По Вечерната богослужба, со своја културно-музичка програма ќе настапи хорот „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево, кој ќе изведе традиционални византиски каланди.

-Утре, 30 јули, со почеток во 9 часот, ќе биде извршено осветувањето на Храмот од страна на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение со Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф и Неговото Преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј. По осветувањето следува Божествена архиерејска Литургија, наведуваат од манастирот.

По историскиот чин на осветувањето и архиерејската Литургија со своја традиционална културно-уметничка програма ќе настапат составот „Чалгија мерак“, како и ансамблот „Македонија“.

По тој повод Свештената бигорска обител, со голема чест и радост ги поканува почитуваните верници, сите ростушани и пријатели на Река и на Мијачкиот крај, да присуствуваат на овој свет и значаен настан за овој крај.

Според историски извори, со сигурност се знае дека во ова долнореканското село суштествувал велелепен храм посветен на Пресвета Богородица, уште од византиско време, но бил разурнат и на негово место изграден друг објект.

Храмот е идејно обмислен од страна на владиката Партениј, изграден е од камен и од тули, во препознатливиот византиски стил опус микстум, и структурно наликува на старата црква што била на сред село, крстообразна, со голема купола на средината, со конхи од страните и со камбанарија над тремот. вт/цр

Фото:МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан