• среда, 18 декември 2024

Утре седница на Советот за безбедност на ОН поради кризата во односите меѓу Венецуела и Гвајана

Утре седница на Советот за безбедност на ОН поради кризата во односите меѓу Венецуела и Гвајана

Њујорк, 7 декември 2023 (МИА) - Советот за безбедност на ОН зад затворени врати утре ќе расправа за кризата меѓу Венецуела и Гвајана околу спорната област Есекибо.

Во писмото, министерот за надворешни работи на Гвајана, Хју Тод, го привлече вниманието на Советот за безбедност на „сериозна работа што го загрозува меѓународниот мир и безбедност“.

„Активностите на Венецуела ги кршат најфундаменталните принципи на меѓународното право... според кои се смета за незаконско за која било држава да употреби сила или да се заканува дека ќе употреби сила против територијалниот интегритет и политичката независност на друга земја“, се вели во писмото.

„Однесувањето на Венецуела претставува директна закана за мирот и безбедноста на Гвајана и ги загрозува мирот и безбедноста на целиот регион“.

Меѓународната заедница е загрижена поради растечките тензии меѓу Венецуела и Гвајана околу Есекибо, област богата со нафта што се наоѓа меѓу двете земји, кои вчера сепак дадоа гаранции дека имаат „отворени канали за комуникација“.

Со децении, Каракас полага право врз Есекибо (поранешно - Гвајана Есекиба), територија од 160.000 квадратни километри што претставува повеќе од две третини од Гвајана и е дом на 125.000 луѓе, или една петтина од населението на Гвајана.

Аспирациите на Венецуела станаа поочигледни откако Ексон Мобил откри значителни резерви на нафта на територијата во 2015 година. зш/

Остани поврзан