• вторник, 24 декември 2024

Утре бесплатен влез во музејските институции по повод Меѓународниот ден музеите

Утре бесплатен влез во музејските институции по повод Меѓународниот ден музеите

Скопје, 17 мај 2024 (МИА) - „Музеи за едукација и истражување“ е мотото под кое утре ќе се одбележи 18 Мај - Меѓународниот ден на музеите, датум кој музејските институции низ светот со разновидни активности го одбележуваат од 1977 година.

На овој ден, како што соопшти Министерството за култура, музеите во земјава традиционално овозможуваат бесплатен влез за посетителите кои можат да ги видат актуелните изложби и да се запознаат со движното културно богатство.

- Музеите, освен својот придонес како платформа за размена на идеи и знаења, имаат значајна улога во образованието и се афирматори на темите што денес силно го засегаат светот, а кои чекаат да бидат истражени и споделени. Музејските институции ги поттикнуваат идните генерации на креативен, динамичен и интересен начин да се осврнат на комплексните општествени предизвици на денешницата, да се информираат за причините и последиците од човековото влијание врз природата и да развијат критичко размислување и лична одговорност неопходна за градење одржливо општество, велат од Министерството за култура.

Меѓународниот ден на музеите традиционално се одбележува секоја година на 18 мај со цел промоција на значењето на музејските институции во современото општество. Денот посветен на музеите е востановен од Меѓународниот совет на музеите – ИКОМ со седиште во Париз. дма/бак/

Фото: Министерство за култура

Остани поврзан