• среда, 25 декември 2024

Утрешниот состанок на Европскиот совет ќе започне со дискусија за воената помош за Украина

Утрешниот состанок на Европскиот совет ќе започне со дискусија за воената помош за Украина

Брисел, 26 јуни 2024 (МИА) - Шефовите на држави и влади на земјите од Европската унија, кои утре се среќаваат на дводневен состанок во Брисел, ќе го започнат состанокот со разговори за воената помош за Украина со претседателот Володимир Зеленски, според поканата испратена од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел до лидерите на ЕУ.

-Нашиот состанок ќе започне в четврток, на 27 јуни во 14 часот со разговор со претседателот Зеленски. Ова ќе биде можност да се разговара за ситуацијата на теренот, пишува Мишел.

Конкретно, според него, тој состанок на Европскиот совет ќе биде можност да се поздрави усвојувањето на преговарачките рамки и одржувањето на меѓувладините конференции со Украина, Молдавија и Црна Гора, што ќе претставува историски чекор за поддршка на патот на овие земји за членство во Европа.

Во своето писмо, Мишел нагласи дека оваа година, заедно со европските лидери, тие биле „храбри и амбициозни во канализирањето на извонредните приходи од замрзнатите руски средства за поддршка на Украина“ и истакна дека е „императив да ја засилиме и нашата воена поддршка за Украина, фокусирајќи се на воздушната одбрана, муницијата и ракетите“.

Лидерите на ЕУ ќе разговараат и за стратешката програма, која ќе ги дефинира главните приоритети во развојот и реформите на блокот за следните пет години, како и рамката за следниот институционален циклус на Европската заедница. Во истиот контекст, учесниците на средбата ќе се договорат за именувањата на клучните позиции во европските институции.

За време на средбата ќе се разговара и за настаните на Блискиот Исток, како и за прашања поврзани со безбедноста, одбраната, конкурентноста и другo. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан