Утврден дневниот ред на 42-та седница, полемика поради дополнувањето со предлози по скратена постапка
- Собраниската 42-ра седница беше прекината откако беше изгласан дневниот ред и за продолжението ќе биде дополнително соопштено. При утврдување на дневниот ред, пратениците од опозицијата реагираа на тоа што владејачкото мнозинство го дополни со неколку предлози по скратена постапка и полемизираа дали треба да се дополнува откако седницата е веќе почната.

Скопје, 1 април 2025 (МИА) – Собраниската 42-ра седница беше прекината откако беше изгласан дневниот ред и за продолжението ќе биде дополнително соопштено. При утврдување на дневниот ред, пратениците од опозицијата реагираа на тоа што владејачкото мнозинство го дополни со неколку предлози по скратена постапка и полемизираа дали треба да се дополнува откако седницата е веќе почната.
Координаторот на СДСМ Оливер Спасовски кажа дека пратениците од владејачкото мнозинство на овој начин „сакаат набрзина да ги стават законите кои до пратениците стигнале во 11.26 минути“.
Како што рече, „крајно некоректно е вакво функционирање на законодавниот дом“ и дека таквиот начин на работа не придонесува за демократскиот амбиент во Собранието.
На неговото процедурално излагање реплицираше координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, кој посочи дека новиот Деловник овозможува дневниот ред да се дополнува и оти пратениците имаат шест часа да се подготват за расправа по предлогот. Додаде дека по стариот Деловник имало „практична злоупотреба“ затоа што веднаш по ставањето предлози на дневен ред, се закажувале седници на собраниските комисии и, рече, половина пратеници ги немало на пленарната седница.
Полемиката меѓу пратениците од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ настана откако на предлог на владејачката партија дневниот ред беше дополнет со четири предлози - од областа на патна инфраструктура и енергетика и два од образование.
Наспроти тврдењето на Мицевски застана и пратеникот Талат Џафери од ДУИ, според кого, „се прави хаос со Деловникот“
Џафери од собраниската говорница изрази сочувство за жртвите во пожарот во Кочани и побара образложение зошто Собранието не работело уште една седмица односно не се одржувале седници. Како што рече, институциите се должни да работат и кога е вонредна состојба.
При утврдување на дневниот ред, немаше поддршка од пратениците дел од него да биде Предлог-законот за ослободување од плаќање на дел од придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата, по скратена постапка, поднесен од СДСМ.
Не беа усвоени и три предлози од Левица – два предлога за измени на Законот за работни односи, по скратена постапка, и Предлог-закон за дополнување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, по скратена постапка.
На почетокот со 87 гласа „за“, без гласови против и без воздржани беше поддржан Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, по скратена постапка, поднесен од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Предлогот ќе биде проследен на разгледување во собраниската Комисија за одбрана и безбедност и во Законодавно-правната комисија. Измените на Законот се резултат на трагедијата со пожарот во дискотеката во Кочани на 16 март во кој загинаа 59 млади луѓе и околу 200 беа повредени.
Претходно денеска Собранието во рамки на 38. седница ги донесе измените и дополнување на Законот за пензиско и инвалидското осигурување. хс/ев/
Фото: МИА архива