• петок, 27 декември 2024

Утврдена предлог одлуката за состав на Комитетот за односи со заедници, членот од ромската заедница ќе го избере Народниот правобранител

Утврдена предлог одлуката за состав на Комитетот за односи со заедници, членот од ромската заедница ќе го избере Народниот правобранител

Скопје, 25 јули 2024 (МИА) - Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска на продолжението на четвртата седница ја утврди Предлог - одлуката за избор на членови на Комитетот за односи меѓу заедниците.

Претседателот на Комисијата Ѓорѓија Сајкоски истакна дека согласно членовите 2 и 3 од Законот за Комитетот за односи меѓу заедниците Комитетот го основа Собранието во рок од 60 дена од денот на неговото конституирање, а го сочинуваат 19 члена од редот на избраните пратеници при што седум члена се од редот на пратениците Македонци, седум од редот на пратениците Албанци, и по еден член од редот на пратениците Турци, Власи, Роми, Срби и Бошњаци. 

-Имајќи го во предвид законскиот рок за избор на составот на Комитетот беа одржани координации на пратеничките групи во Собранието. Исто така, со допис од мене како претседател на Комисијата беше побарано координаторите на пратеничките групи во Собранието во најкраток рок да достават свои предлози за членови на Комитетот за односи меѓу заедници. Врз основа на доставените предлози се предлага утврдување на Предлог одлука за избор на член на Комитетот. Сакам да укажам дека во актуелниот пратенички состав на Собранието нема избрано пратеник од ромска националност. Согласно амандманот 12 од Уставот, доколку некоја од заедниците нема пратеници се избира од страна на Народниот правобранител. Заради горенаведените причини и имајќи го предвид законскиот рок за избор на составот на Комитетот во предложената Предлог одлука нема да имаме член Ром. Овој член ќе биде избран дополнително, рече Сајкоски отворајќи ја дебатата по точката. 

Предлог одлуката беше утвдена без расправа, и ќе се најде на пленарна седница на Собранието.

Претходно беше дадена пауза од половина час на процедурално барање од пратеничката Арбана Пашоли од ДУИ, за како што рече, да се преведат материјалите на службениот албански јазик. вг/ев/

Фото: Принтскрин

 

Остани поврзан