• четврток, 26 декември 2024

Уставните измени во фокусот на средбите на Османи со Гир, Јан Коп и Ерик Мејер

Уставните измени во фокусот на средбите на Османи со Гир, Јан Коп и Ерик Мејер

Скопје, 3 август 2023 (МИА) - Политичките актуелности во земјава, со посебен акцент на околностите во кои се води јавната расправа за предложените уставни измени и напорите на Владата да обезбеди континуитет на започнатите пристапните преговори за членство во Европската Унија без застој, беа во фокусот на средбите што ги имаше шефот на дипломатијата Бујар Османи со евроамбасадорот Дејвид Гир, холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп и заменик-шефот на мисијата во Амбасадата на САД во Скопје, Ерик Мејер.

-Имаме одлична, може да се рече - уникатна можност, да обезбедиме пристојна европската иднина за нашите граѓани, што е воедно стратешка цел и определба на нашата држава и институции, но и јасна и недвосмислена волја на нашите граѓани. Овој пат клучот е кај нас, и со особена благодарност гледаме на поддршката на нашите меѓународни пријатели кои обезбедија навистина сериозни гаранции со поддршка за земјава во овој процес, нагласи Османи.

Во меѓувреме, додаде Османи, државата продолжува да работи на внатрешните реформи и успешно да го хармонизира законодавството со правото на Европската Унија, потврдено и во извештаите на Европската комисија.

На средбите, како што соопшти МНР, биле отворени и темите од регионален карактер, особено во контекст на европската интеграција на целиот регион на Западен Балкан. 

-Актуелните безбедносни и геополитички предизвици, потребата од долгорочен и ефикасен реформски процес кај сите земји од регионот, сѐ уште актуелните потреби за помирување и затворање на отворените билатерални прашања ги обременуваат односите во регионот и европската перспектива мора да ја задржи трансформативната моќ на Балканот, посочи Османи. нд/бак/

Остани поврзан