• недела, 24 ноември 2024

Уставниот суд утре ќе ја одржи третата седница

Уставниот суд утре ќе ја одржи третата седница
Скопје, 1 февруари 2022 (МИА) - Уставниот суд утре ќе ја одржи третата седница на чиј дневен ред се три иницијативи и едно барање за заштита на права и слободи, како и еден предлог за одлучување по еден предмет. Пред уставните судии ќе се најде иницијативата поднесена од Здружението на граѓани за давање на правна помош на дискриминирани лица „Заштита од дискриминација“ од Виница, а се однесува на член 68 став 2 од Законот за нотаријатот. Според подносителот на иницијативата оспорената одредба била спротивна на членовите 9, 51 и 54 од Уставот, како и на членот 14 од Конвенцијата за заштита на човековите права и слободи од причина што одредбата го ограничувала правото на граѓанинот сам да си состави приговор против издадениот платен налог, сам да состави жалба против решението на судот итн. што претставувало директна дискриминација на граѓанинот и неговото право сам да се застапува пред нотар или суд. На дневен ред на оваа седница е и иницијативата поднесена од Синдикат на полиција во Македонија-Велес, со која се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на членот 338 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи. Уставните судии ќе ја разгледаат и иницијативата поднесена на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт 3 04 блок 04.02, Општина Карпош – Скопје, донесена од Советот на Општина Карпош, бр. 09-6997/8 од 12.11.2020 година („Службен гласник на општина Карпош“ бр.20/2020), како и Барањето за заштита на слободи и права поднесено од проф. д-р Тања Каракамишева од Скопје. Според подносителката на Барањето, повредено е правото на забрана од дискриминација по основ на национална припадност и правото на слобода на уверување, совеста, мислата и јавното изразување на мислата од член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, гарантирани со меѓународни документи. Подносителката смета дека повредата на горенаведените права била направена со дејството потпишување на поединечен акт, односно потпишување на „Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации,за престанување на важноста на привремената Спогодба од 1995 и за воспоставување на стратешко партнерство помеѓу страните склучена во Преспа (Нивици) Грција на 17.06.2018 меѓу „Првата страна“ Грција претставувана од министерот за надворешни работи Никос Коsијас и „Втората страна“ (безимена држава) претставувана од министерот за надворешни работи, Никола Димитров. дма/лв/  

Остани поврзан