• четврток, 26 декември 2024

Уставниот суд поведе постапка за членот 163, став 3 од Законот за банки

Уставниот суд поведе постапка за членот 163, став 3 од Законот за банки
Скопје, 21 април 2021 (МИА) – Уставниот суд на денешната седница поведе постапка за оценка на уставноста на членот 163, став 3 од Законот за банки, според кој, побарувањата на Фондот за осигурување на депозити врз основа на исплати на осигурени депозити се исплаќаат пред побарувањата на останатите доверители. Судот изрази сомнеж за уставноста на оспорената законска одредба. Иницијативата до Уставниот суд е поднесена од Здружението на оштетени физички и правни лица од Еуростандард банка „Правда за штедачи”. Од Здружението велат дека сите штедачи треба да бидат третирано еднакво и тие со штеден влог до 30 000 евра и тие што имале над 30 000 евра, но и фирмите, кои во домашните закони не се заштитени со минимална сума при пропаѓање на банка. Од Министерството за финансии посочуваат дека Фондот за осигурување депозити ја одржува довербата на граѓаните во домашниот финансиски систем, бидејќи депозитите на домаќинствата претставуваат сигурен и најевтин начин за финансирање на домашната економија. Фондот е државна сопственост, гарантира покривање на одредено осигурено ниво на наплата на депозити на физички лица во банките на територија на Република Северна Македонија и неговата финансиска одржливост е неопходна за целокупниот банкарски сектор во државата.. Според Фондот за осигурување депозити, најголем дел од штедните влогови на граѓаните во банките и штедилниците се осигурани во Фондот, кој во моментов има средства над законски утврдениот минимум. Оттаму посочуваат дека имаат на располагање механизми, доколку дојде до исцрпување на фондот за сигурност и се јави потреба за исплата на обесштетување, односно настане ризичен настан. Согласно актуелното законско решение Фондот ги обесштетува осигурените депозити до 30 000 евра во денарска противвредност, оние над тој износ, како во случајот и со Еуростандард банка, се пријавуваат како побарувања од стечајната маса. Согласно Законот за Фондот за осигурување депозити (член 8), доколку дојде до исцрпување на фондот за сигурност, а се јави потреба за исплата на обесштетување, односно настане ризичен настан, Фондот обезбедува дополнителни средства преку дополнителни уплати од банките, филијалите на странските банки и штедилниците, но не повеќе од трикратен износ на премиите уплатени во месецот кој му претходи на месецот во кој настанал ризичниот настан, преку задолжување во земјата и странство и позајмици од Буџетот на Република Македонија. Од Министерството за финансии согласно Стратешки план за 2021-2023 година, најавуваат измени и дополнување на Законот за фондот за осигурување на депозити со кои се предвидвидува обесштетување и на депозитите на правните лица во банките и штедилниците во кои настанал ризичен настан. Уставните судии пред неполни два месеца одлучија да не поведат постапка по иницијативата поднесена за истата одредба од Законот за банки. Дозволата за работа на Еуростандард банка ѝ беше одземена во август минатата година. дма/са/

Остани поврзан