Уставниот суд оформи 98 нови предмети во декември 2023 и јануари 2024 година
- СООПШТЕНИЕ: Во периодот декември 2023 година и јануари 2024 година до Уставниот суд се поднесени 98 иницијативи по коишто се формирани нови предмети предмети за работа. Уставниот суд за одредени предмети објави посебни соопштенија во моментот на нивно формирање поради интерес во јавноста, а дел од нив веќе ја завршија и фазата на претходна постапка.
19 февруари 2024
Во периодот декември 2023 година и јануари 2024 година до Уставниот суд се поднесени 98 иницијативи по коишто се формирани нови предмети предмети за работа. Уставниот суд за одредени предмети објави посебни соопштенија во моментот на нивно формирање поради интерес во јавноста, а дел од нив веќе ја завршија и фазата на претходна постапка.
Декември 2023 година
1. У.бр.203/2023
Оспорен акт: Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за распределба на авторски надоместоци, донесен од Собранието на ЗАМП
Подносители: Кристијан Габроски, Робертино Саздов и Ѓорѓи Крстевски
Од наводите во иницијативата:
Според наводите во иницијативата авторите на музички дела основано очекувале распределба на авторски надоместоци согласно важечките правила и општо познати во моментот на емитување на делата, кои се важечки во периодот во кој го стекнале правото на надоместок, а не согласно со тогаш неважечки односно сеуште недонесени и непознати правила за пресметка и распределба предвидени во оспорениот правилник.
2. У.бр.201/2023
Оспорен акт: Одлука за утврдување цени на услугите за собирање и транспортирање на комунален отпад во Општина Куманово
Подносител: Виктор Божиновски, адвокат од Куманово
Од наводите во иницијативата:
Оспорената одлука, според подносителот, е спротивна на Законот за управување со отпад и на член 51 од Уставот затоа што е донесена врз основа на одредба од Закон кој престанал да важи. Подносителот од Уставниот суд бара да донесе и времена мерка за да се спречи настанување на штетни последици за правните и физичките лица од Општина Куманово кои ќе плаќаат повисоки сметка за комунални услуги.
3. У.бр.202/2023
Оспорени: Член 4 став 3 од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите, донесена од министерот за правда и член 46 став 5 од Законот за извршување.
Подносител: Владо Мицковски од Кичево
Од наводите во иницијативата:
Според подносителот уредувањето во оспорените членови бесплатна работа на извршителите при извршување врз евидентирани носители на социјална помош и со уредувањето на бесплатна изработка на одредени заклучоци, извршителите се ограничени од ползување на сопственоста и од остварување егзистенција и право на заработувачка што е спротивно на член 30 став 1, член 32 став 1 и 3 и член 55 став 3 од Уставот, како и на член 1 од Протоколот бр.1 на ЕКЧП.
4. Реферат У.бр.204/2023
Оспорени: – член 24 и член 77 од Законот за животната средина
– Уредба за определување на проектите и за критериумите врз основа на кои се утврдува потребата за спроведување на постапката на оцена на влијанијата врз животната средина
– Уредба за дејностите и активностите за кои задолжително се изработува елаборат а за чие одобрување е надлежен органот за вршење на стручни работи од областа на животната средина и
– Уредба дејностите и активностите за кои задолжително се изработува елаборат а за чие одобрување е надлежен градоначалникот на општината, градоначалникот на градот Скопје и градоначалникот на општината во градот Скопје
Подносител: Центар за истражување и информирање за животната средина „ЕКО СВЕСТ“
Од наводите во иницијативата:
Со примената на оспорените законски одредби и на наведените уредби, спроведувањето на проекти коишто би можеле да имаат влијание врз животната средина без да биде спроведена постапка за оценување на влијанието на проектот врз животната средина и без информирање и вклучување на јавноста во донесувањето на одлуки за животната средина преку, според подносителот, повредено е правото на граѓаните на здрава животна средина, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита на животната средина утврдена како темелна вредност во член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, како и слободата на пристап и примање на информации.
5. У.бр.205/2023
Оспорен акт: Одлука за поништување на постапката за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за проектирање, изградба, финансирање, стопанисување и пренос на мала хидроцентрала на водоснабдителен систем за водоснабдување на Општина Неготино
Подносители: Друштво за проектирање и одржување на објекти, производство, трговија и услуги РЕСУРС ЛТДИ извоз-увоз ДООЕЛ Кавадарци и Друштво за производство трговија и услуги ХЕМ-АЛИЈАНС ДООЕЛ Неготино
Од наводите во иницијативата:
Според подносителите на иницијативата Советот на Општина Неготино немал законска надлежност да ја поништува постапката за избор на најповолен понудувач, туку само да дава согласност на Одлуката за избор на најповолен понудувач. Исто така, тие сметаат дека и градоначалнкот на Општината ги пречекорил своите законски овластувања бидејќи ја доставил оспорената одлука до најповолниот понудувач (подносителите на иницијативата) со што им го ускратил правото на жалба на понудувачот спротивно на член 15 од Уставот со кој се гарантира правото на жалба.
6. У.бр.206/2023
Оспорен: член 88 став 8 и 9 од Законот за дивечот и ловството
Подносител: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека членувањето на службените лица во Прекршочната комисија не може да се смета за нивен дополнителен ангажман туку претставува нивна работна обврска за чиешто извршување добиваат надомест во вид на плата за извршена работа, а не дополнителен надоместок во вид на награда што е спротивно на начелото на владеење на правото.
7. У.бр.207/2023
Оспорен: Член 17 став 3 во делот „акт на“ од Законот за Академија за судии и јавни обвинители
Подносител: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува во оспорениот закон не е пропишано кој го донесува тој „акт“ од оспорениот член, ниту се пропишуваат параметри за тоа во колкава висина можат да се пропишат додатоците кое нешто мора исклучиво да биде предмет на уредување на закон, а не и на „акт“ како подзаконски пропис со што може да дојде до арбитрерно определување на висината на истите што не е во согласност со начелото на владеење на правото.
8. У.бр.208/2023
Оспорен: Член 67-а став 1 во делот „Прекршочниот“ од Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија
Подносител: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Според подносителот „Комисијата за водење на прекршочна постапка“ не е прекршочен орган, а во оспорената законска одредба, како и во Законот во целина не е пропишан институтот „прекршочен орган“ што е спротивно на член 8 алинеја 3 од Уставот и со Амандман XX.
9. У.бр.209/2023
Оспорен: Член 42 став 6 во дел „став (7)“ од Законот за прекршоците
Подносител: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека со оспорената законска одредба во која е пропишана состојба за истек на рокот на застареност кога изречената глоба се плаќа на рати, може да дојде до забуна во примената на одредбата од страна на оние кои треба да ја применуваат и од оние на кои се однесува, а во Законот не е пропишана било каква можност за плаќање на изречената глоба на рати доколку постојат оправдани причини на сторителот на прекршокот.
10. У.бр.210/2023
Оспорен: Член 3 став 1 точка 2 во дел „најмногу до 65 годишна возраст“ од Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани.
Подносител: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека законодавецот има обврска во прописите да утврди исти услови под кои граѓаните ќе ги остваруваат своите права без притоа да се прави разлика помеѓу граѓаните, меѓу другото и врз основа на возраста. Во конкретниот случај, со воспоставување на горната граница „најмногу до 65 годишна возраст“ се лимитира можноста на лицата постари од 65 години да го остварат правото на надоместок поради попреченост, што е спротивно на принципот на владеење на правото.
Јануари 2024 година
1. У.бр.1/2024
Оспорен: Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката
Подносител: Здружение на граѓани ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА за давање на правна помош на дискриминирани лица Виница
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека поради настанување на правна колизија со важечките закони, со оспорениот Закон се повредува принципот на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните како темелна вредност, како и уставната одредба која предвидува дека секој вработен има право на соодветна заработувачка. Оспорениот закон, донесен во еден друг систем кој бил во согласност со Уставот на Социјалистичка Република Македонија, не коренсподира со сегашните капиталистички односи и самото уредување на државата од причини што од една страна со него се регулираат платата и надоместоците на функционерите во кои спаѓаат повеќе групи, за да потоа има посебен закон за: судовите, јавните обвинители, Претседателот, Собранието, Судскиот Совет, во кои закони треба посебно да се регулираат покрај нивните обврски и нивните права како што е правото на плата и други надоместоци.
2. У.бр.2/2024
Оспорен: Член 8 од Правилникот за измени и дополнувања на Правилникот за распределба на авторски надоместоци
Подносител: Славко Димитров
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека авторите очекувале надоместоците за емитуваните дела од претходната 2023 година, целосно да им бидат пресметани и исплатени до крајот на март 2024 година според одредбите на Правилникот кој бил тогаш во сила, а не според конфузни и нејасни одредби од сега оспорениот правилник. Со оспорениот правилник се создава можност за латентни манипулации при вршењето на пресметката на надоместоците кои се прибираат по неговото влегување во сила, при што, исто така, според подносителот, авторите како исклучиви сопственици на своите авторски дела ќе добијат помалку материјални средства од очекуваниот износ што им припаѓа.
3. У.бр.3/2024
Оспорен: Член 8 од Правилникот за измени и дополнувања на Правилникот за распределба на авторски надоместоци
Подносител: Кристијан Габровски, Робертино Саздов и Ѓорѓи Крстевски
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека со оспорената одредба од Правилникот, ЗАМП ја темели примената на Правилникот врз база на датумот на прибирање на авторските надоместоци, а не според датумот на емитување на авторските дела и подносителите сметаат дека пресметката на авторските надоместоци не може да зависи од времето/датумот кога ЗАМП ги наплатил авторските надоместоци од медиумите за емитуваните дела, туку од времето на нивно емитување.
Според подносителите, не постои правна сигурност ниту можност, авторот да ги оствари своите легитимни очекувања ако пресметката и исплатата на авторските надоместоци зависи од тоа дали надоместокот е наплатен од страна на медиумот по влегувањето во сила на новиот правилник или пред, со тоа што, тие сметаат дека стариот и новиот правилник уредуваат драстично различни коефициенти за пресметка. Со ваквата ретроактивна примена на новите правила коишто важат по нивното влегување во сила, настанува штета поради драстично различни коефициенти за пресметка.
4. У.бр.4/2024
Оспорен: член 36 и член 38 став 3 од Законот изменување и дополнување на Законот за заштита на децата
Подносител: Климентина Ангелеска
Од наводите во иницијативата:
Според наводите во иницијативата, секое трето живородено дете затоа што било родено трето не се смета за новороденче како ни за дете согласно оспорената законска одредба и не може да ужива никакви права уредени со Законот за заштита на децата во однос на друго лице или група во фактичка или можна споредлива или слична ситуација.
5. У.бр.5/2024
Оспорен акт: Правила за снабдување со топлинска енергија
Подносител: Вера Георгиева
Од наводите во иницијативата:
Според подносителот на инцијативата, правото на сопственост може да се ограничи само со закон, а не со оспорените правила и смета дека не може државна комисија да му одземе право на сопственик на стан да не бира сам температурен режим кој нему му одговара и да плаќа за услуга којашто нималку не му одговара. Исто така, смета дека не легитимно снадбувачот од кого се бара исклучување да даде дозвола бидејќи не постои законска обврска да мора да се биде корисник на парно греење.
6. У.бр.6/2024
Оспорен: Член 242 став 1 во делот „семејна“ од Законот за пензиско и инвалидско осигурување
Подносител: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Според подносителот, со оспорената законска одредба се воспоставува нееднаквост меѓу корисниците за секој друг вид на пензија (старосна или инвалидска) кои имаат деца со пречки во психофизичкиот развој да не можат да го остварат правото на надоместок на трошоците за сместување и исхрана за време на стручно, односно работно оспособување за разлика од корисниците на семејна пензија кои имаат деца со пречки во психофизичкиот развој кои имаат право на овој надоместок. На ваков начин се повредуваат начелото на еднаквост пропишана со членот 9 од Уставот и начелото на социјална правда и хуманизам пропишани со членот 8 алинеа 8 од Уставот.
7. У.бр.7/2024
Оспорен акт: Упатство за царинска вредност и Корисничко упатство за пребарување во каталогот SchwacketNet
Подносител: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот смета дека доколку при пресметка, утврдување и наплата на царинските давачки се земат во предвид вредностите според оспорените акти, однапред се детерминира неможноста под конкурентни услови, иста или слична стока да биде продадена или понудена за продажба на вообичаен трговски начин со што постои можност арбитрерно да се определуваат цените на стоките од оспорените акти, со што се создава правна несигурност спротивно на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Воедно, се наведува дека оспорените акти не се објавени во „Службен весник на Република Северна Македонија“ со што се смета дека истите не произведуваат правно дејство во правниот промет и истите не можат да бидат основ за утврдување на „вистинска цена“ што не е во согласност со член 52 од Уставот бидејќи царинските давачки се дел од системот на јавни давачки.
8. У.бр.8/2024
Оспорен: – Делот „поблиску го пропишува начиноr на остварување“ од член 17 и делот „поблиску го уредува начинот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување“ од член 127 став З од Законот за пензиско и инвалидско осигурување
Подносител: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Усrавот не ја определува содржината на социјалното осигурување односно правата што следуваат врз основа на ова осигурување. Тоа значи дека со законот или со законите од оваа областа како и со колективни договори треба да бидат утврдени правата од социјалното осигурување коишто еднакво ќе се однесуваат на сите осигуреници.
9. У.бр.9/2024
Оспорен: Член 65 ставови 1 и 2 од Законот за вештачење
Подносител: Стевче Стојанов
Од наводите во иницијативата:
Со оспорените законски одредби коишто содржат непрецизност или двосмисленост, според подносителот на иницијативата, се нарушува функционално-логичката целина на Законот за вештачење и се дава можност за недоследно или различно применување на тие законски одредби во практиката. Со оваа одредба на Законот се овозможува неуставно мешање на извршната власт во Функционирање на здруженијата на граѓаните и ја дерогира уставната слобода во оваа област.
10. У.бр.10/2024
Оспорен: Член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија
Содржина на оспорената одредба:
„Патните исправи кои го содржат натписот „Република Македонија” издадени до денот на започнувањето на примената на овој закон, ќе важат до истекот на рокот на важење кој е наведен во патната исправа, најдоцна до 12 февруари 2024 година.“
Подносител: Политичка партија ВМРО – ДПМНЕ
Од наводите во иницијативата:
Според наводите во иницијативата, државата сама го декларирала рокот на истекување на важноста на патните исправи на печатените обрасци, во моментот на издавање на секоја патна исправа, за потоа со закон истиот да го измени на директна штета на граѓаните. Истекувањето на рокот на важност порано од декларираниот рок на документите од страна на државата ги става граѓаните во состојба на изгубена правна заштита и правна сигурност. Со промената на датумот на важност, сите лица кои извадиле патна исправа во периодот од јули 2014 до јули 2021 година (кога стапува на сила оспорениот закон) се ставени во нееднаква/ дискриминирана позиција, во споредба со сите останати лица, затоа што се обврзани на свој двоен трошок повторно да извадат патна исправа. Тоа значи дека за истата услуга, некои граѓани плаќаат двојно, независно од тоа што совесно и одговорно си ги промениле своите документи.
Воедно, заради оперативна и техничка неможност за издавање на стотици илјади патни исправи во предвидениот рок до 12 февруари 2024 година, дури и под услов сите лица да аплицираат до наведениот термин, управните служби на Министерството за внатрешни работи нема да бидат во можност да ги изработат сите овие документи во наведениот рок. Со тоа, стотици илјади граѓани нема да бидат во можност да ја напуштаат Републиката и да се вратат во неа по наведениот датум. Истото ќе има ефект врз нивната слобода на движење, како и врз стопанскиот промет во државата. Заради неверојатниот метеж при аплицирање и подигање на документите граѓаните се приморани дополнително да го бранат сопствениот морален интегритет од разните форми на понижувачко однесување на институциите, но и на граѓаните кои за да го остварат сопственото право, го нарушуваат правото на другите.
Оттука, со примената на оспорениот член, ќе настанат тешко отстранливи последици по имотот, угледот, достоинството, економските и социјални права на граѓаните, слободата на движење, како и безбедноста и сигурноста на јавниот ред и мир и државата воопшто.
11. У.бр.11/2024
Оспорен: Член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата
Содржина на оспорената одредба:
„Возачките дозволи и возачките книшки, кои го содржат натписот „Република Македонија” издадени до денот на започнувањето на примената на овој закон, ќе важат до истекот на рокот на важење кој е наведен во возачката дозвола, најдоцна до 12 февруари 2024 година.”.
Подносител: Политичка партија ВМРО – ДПМНЕ
Од наводите во иницијативата:
Се наведува дека државата сама го декларирала овој рок на истекување на важноста на возачките дозволи од десет години на образецот, во моментот на издавање на секоја возачка дозвола за потоа со закон истиот да го измени на директна штета на граѓаните. Истекувањето на рокот на важност порано од декларираниот рок на документите од страна на државата, ги става граѓаните во состојба на изгубена правна заштита и правна сигурност. Неможноста граѓаните кои уредно извадиле важечка возачка дозвола или возачка книшка пред стапување во сила на Законот да ја искористат истата до крајот на нејзиното важење декларирано на самата исправа, ги става во нееднаква/дискриминирана положба сите овие граѓани. Со промената на датумот на важност, сите лица кои извадиле возачка дозвола во периодот од јули 2014 до јули 2021 година (кога стапува на сила оспорениот закон) се ставени во нееднаква/дискриминирана позиција, во споредба со сите останати лица, затоа што се обврзани на свој двоен трошок повторно да извадат возачка дозовола. Тоа значи дека за истата услуга, некои граѓани со оваа одредба плаќаат двојно, независно од тоа што совесно и одговорно си ги промениле своите документи. Поради техничка неможност за издавање на стотици илјади возачки дозволи во предвидениот рок до 12 февруари 2024 година, дури и под услов сите лица да аплицираат до наведениот термин, управните служби на Министерството за внатрешни работи нема да бидат во можност да ги изработат сите овие документи во наведениот рок. Со тоа, стотици илјади граѓани нема да бидат во можност да управуваат моторно возило со важечка возачка дозвола по наведениот датум. Истото ќе има ефект врз нивната слобода на движење, како и врз стопанскиот промет во државата. На овој начин, ќе настанат тешко отстранливи последици по имотот, угледот, достоинството, економските и социјални права на граѓаните, слободата на движење, како и безбедноста и сигурноста на јавниот ред и мир и државата воопшто.
У.бр.12/2024 до У.бр.83/2024
Уставниот суд по сопствена иницијатива оформи 72 предмети (од У.бр.12/2024 до У.бр.83/2024), поради сомнеж за неуставност и незаконитост на одредбите коишто се однесуваат на поднесување барање за давање на автентично толкување на прописите и насловите „Автентично толкување на општи акти“ од Деловниците на Советите на:
Град Скопје, Општина Битола, Општина Карабинци, Општина Тетово, Општина Куманово, Општина Крушево, Општина Гази Баба, Општина Пласница, Општина Крива Паланка, Општина Берово, Општина Прилеп, Општина Кривогаштани, Општина Свети Николе, Општина Гевгелија, Општина Македонска Каменица, Општина Аеродром, Општина Бутел, Општина Илинден, Општина Центар, Општина Гостивар, Општина Делчево, Општина Кичево, Општина Кочани, Општина Вевчани, Општина Градско, Општина Демир Хисар, Општина Лозово, Општина Теарце, Општина Кратово, Општина Кавадарци, Општина Струмица, Општина Богданци, Општина Новаци, Општина Боговиње, Општина Желино, Општина Дебар, Општина Росоман, Општина Македонски Брод, Општина Карпош, Општина Босилово, Општина Зелениково, Општина Чашка, Општина Струга, Општина Дојран, Општина Чучер Сандево, Општина Старо Нагоричане, Општина Радовиш, Општина Брвеница, Општина Арачиново, Општина Дебарца, Општина Охрид, Општина Велес, Општина Центар Жупа, Општина Ресен, Општина Валандово, Општина Ново Село, Општина Чешиново – Облешево, Општина Демир Капија, Општина Штип, Општина Конче, Општина Сопиште, Општина Василево, Општина Врапчиште, Општина Липково, Општина Могила, Општина Ранковце, Општина Неготино, Општина Ѓорче Петров, Општина Пробиштип, Општина Петровец, Општина Сарај и Општина Пехчево.
84. У.бр.84/2024
Оспорен: Регулациски план на ГУП на Град Скопје 2012-2022 за четврт С3 10
Подносител: Јована Стефановска
Од наводите во иницијативата:
Според подносителот, оспорениот акт е донесен во незаконита постапка и дејствијата коишто требало да претходат на неговото донесување, не биле спроведени со што се засега во особено важните аспекти на заштита на животната постапка. Регулацискиот план не објавен ни на интернет страната на Град Скопје во целост односно недостасува текстуалниот дел, а неговата неусогласеност со ГУП 2012 – 2022 се особено важни од аспект на владеење на правото операционализирано преку членовите 8 и 51 од Уставот. Истовремено, според подносителот, Регулацискиот план не придонесува кон хуманизација на просторот и негативно директно влијае врз остварувањето на здрава животна средина на граѓаните, па оттука последиците од неговата неуставност може да ги пренесе и врз останатите ДУП-ви коишто можат да се донесат врз негова основа, поради што подносителот бара Уставниот суд да го поништи оспорениот акт.
85. У.бр.85/2024
Оспорен: Правилник за начинот на спроведување на возачките испити и поблиските критериуми во однос на просторните услови и материјално-техничката и информатичката опрема на испитните центри и водењето на евиденциите во врска со спроведените возачки испити, како и начинот на издавање и одземање на лиценца за испитен центар, формата и содржината на образецот на лиценцата за испитен центар.
Подносител: Бојан Петровски
Од наводите во иницијативата:
Со оспорената одредба од Правилникот, според подносителот, издавањето на лиценца за испитен центар на праворангираните правни лица за секој испитен центар односно избор на само едно лице на конкурост (прворангираниот), се создава монополска положба на пазарот спротивно на слободата на пазарот и претприемништвото загарантирана со член 55 од Уставот. Тој смета дека со избор на повеќе лица на конкурсите за испитни центри би се елиминирана злоупотребената монополска положба на актуелните испитни центри со што би се подобрил и квалитетот на истите.
86. У.бр.86/2024
Оспорен: Член 38 од Правилникот за посебни услови и постапката за избор во наставно-научни, наставно-стручни, научни, наставни и соработнички права на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ – Битола
Подносител: проф.д-р Виолета Манвеска
Од наводите во иницијативата:
Со примената на оспорениот член од Правилникот, според подносителот на иницијативата, ректорот постапувал незаконски во постапката за избор и се одредувало дискреционо право на ректорот на универзитетот да одлучува за објавувањето или необјавувањето на приговорот поднесен од учесниците во постапката што оставало простор за самоволие и простор за дискриминација меѓу кандидатите за избор.
87. У.бр.87/2024
Оспорен: Член 13 став 9 во дел „согласно Законот за извршување“ од Законот за бесплатна правна помош
Подносител: Оливер Давидовски
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува оспорениот член од Законот кој уредува дека доверител за наплата на трошоците во постапка за извршување, согласно Законот за извршување е Република Северна Македонија бил спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот од причина што во Законот за извршување не содржи такви одредби што доведува до правна несигурност и можност за губење на правата или неисполнување на обврските.
88. У.бр.88/2024
Оспорен: Член 2 став 1 алинеја 1 од Тарифата за надомест на трошоците за работа на здруженијата и правните клиники за давање примарна правна помош.
Подносител: Оливер Давидовски
Од наводите во иницијативата:
Според подносителот, оспорената одредба од Тарифата која предвидувала исплата на трошоци на давателите на примарна правна помош со број на бодови особено за иницијален правен совет за правото на користење бесплатна правна помош била спротивна на одредбите од Законот за бесплатна правна помош во кој децидно било пропишано дека давателите на примарна правна помош истиот го обезбедуваат без никаков надомест.
Уставен суд
__________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.
Фото: МИА архива