• среда, 13 ноември 2024

Уставниот суд не поведе постапка за оценување уставност на Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации

Уставниот суд не поведе постапка за оценување уставност на Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации

Скопје, 10 мај 2023 (МИА) - Уставниот суд информира дека не поведе постапка за оценување уставност на Законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации опфатен во предметот У.бр.22/2023. Тоа, како што соопшти, значи дека овие законски измени остануваат во правниот промет. 

-Неосновани се наводите во иницијативата дека оспорените измени и дополнувања се во спротивност со членот 16 од Уставот кој ја гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата како и слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободно основање на институции за јавно информирање, како и ставот дека цензурата е забранета. Ценејќи ги овие наводи Судот како релевантен го зема членот 54 од Уставот во кој е утврдено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот може да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и дека ограничувањето на слободите и правата не може да се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата јавното изразување на мислата и вероисповеста, наведува Судот.

Уставниот суд оцени и дека апсолутност и неограниченост на овие слободи не значи дека е дозволено тие да бидат злоупотребени, во смисла на нарушување на јавниот ред и мир, повреда на достоинството и интегритетот на личноста, како и доведување во прашање на слободите и правата на другите граѓани.

-Судот оцени дека е погрешно толкувањето и заклучокот на подносителот на иницијативата дека со оспорените законски измени е воведена цензура на неприкосновените слободи и права на здружување и на основање на здруженија. Во делот кој се однесува на барање за мислење од Комисијата за употреба на имиња при Министерството за правда, Судот цени дека не се губи веќе стекнатото право на здружување, туку се определува начин на основање на здруженија и фондации со утврдување на конкретни граници за употреба на имиња на историски личности кои нема да предизвикуваат нетрпеливост, нарушување на јавниот ред и мир и дополнителен услов за опстојување на оние организации кои се веќе регистрирани, што е право на законодавецот. Станува збор за усогласување на веќе регистрирани организации со новите законски измени и поставување на еднакви законски правила за сите здруженија на граѓани и фондации, што е во функција на воспоставување на единствен, а не двоен правен режим во поглед на условите при регистрирање на овие организации.  Оттука произлегува оправданоста на одредбите со кои се бара во легитимен рок од три месеци од денот на влегување во сила на овој закон, да ги усогласат своето име/ или назив, програма, цели и дејности согласно одредбите.  Поради тоа Уставниот суд оцени дека нема повратно дејство во смисла на значењето на уставната забрана за таквото дејство на законите и другите прописи. 

Судот потсетува дека подносител на иницијативата беше адвокатот Зоран Стојановски.хс/лв/

фото: МИА архива

Остани поврзан