• среда, 27 ноември 2024

Успешно заврши програмата за претприемничка извонредност на поранешниот претседател Иванов и Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели

Успешно заврши програмата за претприемничка извонредност на поранешниот претседател Иванов и Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели

Скопје, 9 јули 2024

По повод 15-годишнината на проектот „Школа за млади лидери на Претседателот Иванов“, Кабинетот на поранешниот Претседател Иванов, Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите и Алумни асоцијацијата Иванов Школа за лидери – ИСЛАА, поддржани од Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели (World Business Angels Investment Forum – WBAF), партнер на Г20 Глобалното партнерство за финансиско вклучување (G20 Global Partnership for Financial Inclusion – GPFI), ја спроведоа ексклузивната програма за алумнистите на Школата, Мастер предавања за претприемничка извонредност. Програмата се реализираше во периодот од 8-30 јуни 2024 година и истата успешно ја завршија 30-тина учесници. Програмата опфаќаше предавања за претприемништво и стартапи, обезбедувајќи разновидни перспективи на главната тема.

Меѓу предавачите беа извршниот претседавач на WBAF, Бајбарс Алтунташ, д-р Нихил Агарвал, Член на Извршниот инвестициски комитет на WBAF, Индија; проф Индерџит Синг, поранешен пратеник во парламентот на Сингапур и основач на Unicorn; Мирјам Наџафи, член на факултетот и бизнис школата на WBAF; проф. Ингрид Василиу-Велтес, директор на канцеларијата на WBAF во САД, Вашингтон; Енрико Фиоре, главен извршен директор на Truyoins Partners & Ventures, Италија; Х.М. Јоханес Вајс, меѓународен партнер на WBAF, Германија; Модвена Рис-Мог, член на факултетот и бизнис школата на WBAF, и др.

Оваа обука за основачи на стартапи, им овозможи на учесниците да се запознаат со актуелните стратегии за успешно финансиско патување, да научат за нефинансиските патокази за претприемачите, стратегиите за опстанок и разликата во резултатите на бизнисите во зависност од нивната почетна стратегија, разбирање на бизнис моделите и на пазарот, разбирање на клучните индикатори за изведба и развивање на теренот, како инвеститорите ги идентификуваат можностите и како тие создаваат портфолио на инвестиции во стартап; разбирање на техниките и управување со ризик на инвеститорите и како инвеститорите ги поставуваат условите за зделки со стартап вложувања; како инвеститорите ја договараат инвестицијата; и др.

Пред церемонијата на свечено затворање на програмата и доделувањето на сертификатите, се одржаа презентации на неколку стартапи и идеи од страна на учесниците, кои беа оценети од страна на Претседателот Иванов, Извршниот претседавач на WBAF Бајбарс Алтунташ, Претседателот на Здружението на бизнис ангели во Македонија Тоше Коцевски, професорката Лилјана Петровска од QFBA-Northumbria University во Катар, и Претседателката на ИСЛАА, Катерина Антовска. За најдобра идеја за стартап беше прогласен проектот на учесничките на програмата и алумнисти на Школата за млади лидери на Претседателот Иванов, Бојана Анѓелковска и Лидија Столеска.

 

Кабинет на поранешниот Претседател на Република Македонија 2009-2019, Ѓорге Иванов

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан