• среда, 25 декември 2024

Успешна година на Армијата и потполно воено интегрирање во НАТО

Успешна година на Армијата и потполно воено интегрирање во НАТО
Скопје, 8 јануари 2022 (МИА) – Втора година со Ковид-19 и сеуште присутни мерки за заштита од коронавирусот, Армијата ја одбележа со бројни успешни настани со кои го зацврстува членство во НАТО. 2021 година беше и година кога се одбележа и една година сојузнуштвото со Алијансата. По мирување од повеќе од 10 години три групи професионални војници отпочнаа и успешно го завршија курсот за произведување во подофицерски чин, а успешно се одржа и вежбата „Одлучен удар 21“ во која учествуваа 1500 припадници на вооружените сили од четири земји-членки на НАТО – Северна Македонија, САД, Грција и Бугарија и беше дел од најголемата НАТО вежба, која се одвиваше во Европа „Defender Europe21“ и која вклучи 27 армии, со 28 000 војници во 16 држави од Југоисточна Европа. Во текот на првата половина од 2021 година се одбележа и завршувањето на мисијата Одлучна поддршка во Авганистан во која заедно со мисијата претходник ИСАФ учествувавме од 2002 година, а која ја завршивме согласно одлуките на НАТО и принципот „заедно внатре заедно надвор“. Во овој период интензивно се работеше на уредување на АП Криволак од страна на нашиот инженериски баталјон и припадници од Армијата на САД. Нашата Армија учествуваше и на неколку меѓународни вежби и активности надвор од државата, а поистакнато е интензивирање на соработката со грчките вооружени сили во изведување на обуката на специјалните единици. Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, во јануари минатата година во седиштето на НАТО во Брисел учествуваше на 185 редовно заседание на Воениот комитет (ВК) на НАТО, во формат на началници на Генералштабови на армиите на земјите членки на Алијансата. Следниот месец во работна посета на Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија престојуваше заменикот на командантот на силите на САД за Европа, генерал-мајор Џозеф Џерард. Февруари беше одбележан по промоцијата на првата генерација подофицери по полноправното членство во НАТО. Припадниците на Армијата на Република Северна Македонија, кои успешно го завршија тримесечниот основен подофицерски курс, официјално беа промовирани во прв подофицерски чин на воената свеченост, која се реализираше во касарната „Илинден“ во Скопје. Веќе во март, 15.инженериски баталјон на воените сили на САД стационирани во Европа пристигнаа на армискиот полигон „Криволак“ и со нашите инженерци ги започнаа заедничките активности и обука како дел од подготовките и уредување на капацитетите за успешно реализирање на вежбата „Одлучен удар 21“. Истиот месец, со обраќање на претседателот на Република Северна Македонија и Врховен Командант на Армијата, Стево Пендаровски, тогашниот премиер Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и командантот на здружената команда на НАТО во Неапол адмирал Роберт Бурк, беше одбележана првата годишнина од членството на Република Северна Македонија во НАТО, а како дел од церемонијата беше извршен и прелет на хеликоптери од воздухопловниот ВИНГ и воздухоплови на НАТО како дел од воздухопловното патролирање и заштита на воздухопловниот простор (Air Policing). По два месеци од промоцијата на првата гурупа од 65, на крајот на април беа промовирани 55 припадници на Армијата од редовите на професионалните војници во подофицери, по нашето полноправно членство во НАТО. Курсот за подофицери, кој започна на 28 ноември 2020 година и се реализираше во две групи, поради состојбата со „Ковид 19“, по долги 10 години произведе 120 нови подофицери. Со цел да ги подобрува способностите на НАТО и партнерските нации за изведување на операции на специјалните сили во координација со конвенционалните сили, за зголемување на интероперабилноста, меѓусебните односи и довербата помеѓу сојузничките армии, а со тоа и зголемување на безбедноста во Европа, во мај во повеќе земји и кај нас се одржа вежбата „Trojan Footprint 21, која беше дел од големата вежба на НАТО под раководство на Армијата на САД за Европа – „Defender Europe 21“ За зајакнување на меѓусебната соработка и учеството во тековните вежбовни активности предводени од Командата на силите на САД за Европа и Африка меѓу кои е вежбата „Одлучен удар 21“, како дел од „Defender Europe 21“ се разговараше на средбите во Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата со командантот на силите на САД за Европа и Африка, генерал Кристофер Каволи, кој беше во работна посета на нашата земја. Веќе по неколку дена во тридневна официјална посета на Република Северна Македонија престојуваше и високата делегација од сојузната држава на САД, Вермонт предводена од заменик на гувернерот, Моли Греј и командантот на Националната Гарда (НГ), генерал-мајор Грегори Најт. Почетокот на јуни беше одбележан со поставувањето на нови команданти на Командата за операции и Првата пешадиска бригада каде во касарната „Боро Менков“ во Куманово со воена свеченост за командант на КО беше назначен бригаден генерал Бесник Емини, а претходно во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец на ист начин се изврши примопредавање на должноста, командант на 1.пбр, помеѓу бригаден генерал Бесник Емини и полковник Сашко Лафчиски, кој доаѓа од местото началник на одделението за специјални операции во Генералштабот на Армијата, а претходно има извршувано штабни должности во Полкот за специјални операции, а бил и командант на Баталјонот за специјални операции. Со воената церемонија во касарната „Илинден“ на кој учествуваше и последната ротација на армиски припадници и со предавањето на државното знаме на Република Северна Македонија, кое гордо се вееше изминатите години, заедно со знамињата на останатите држави учесници во мисијата, се означи завршетокот на 19 годишното ангажирање на Армијата на Република Северна Македонија во мисиите на НАТО – „ИСАФ’’ и  „Одлучна поддршка’“во Авганистан. Припадниците на Армијата учествуваа во мисиите на Алијансата во Авганистан, ИСАФ и „Одлучна поддршка“ од 2002 година. Во периодот од 2002 до 2015 година, околу 3.000 припадници на Армијата беа дел од силите ИСАФ, на различни позиции и со различни задачи. Нашите војници, подофицери и офицери работеа како штабни офицери, припадници на единици на обезбедување на главната команда, инструктори во тимови за менторирање, а беа дел и од медицински и хируршки тимови. Во ИСАФ, свој придонес дадоа и специјалните единици, кои работеа заедно со припадниците на Националната гарда на Вермонт, во здружени тимови. Од 2015-тата година, припадниците на Армијата даваа свој придонес во мисијата- наследник, „Одлучна поддршка“ и тоа со 500-тини припадници распоредени во Командата за обука, советување и асистенција – главен град Кабул, во Командата на мисијата, со задача обезбедување на командата, во тим за советување во командата – Север, во рамките на заедничкиот придонес на групата А5 во Центарот за здружени операции на КОСА – Север и во хируршки тим во норвешката Role-2 болница. Втората половина од годината беше одбележана со учеството на припадниците на Армијата во гасењето на пожарите кои се случија во месец август, но како најзначајно е потполното воено интегрирање во НАТО кое се формализира со потпишување на заедничката декларација за интеграција на 16.ноември. Во декември се одбележа и вклучувањето во системот за воздухопловно патролирање на Алијансата. По издадената наредба од претседателот и врховен командант на Вооружените Сили Стево Пендаровски, началникот на генералштабот на Армијата издаде наредба за ангажирање на сите потребни капацитети на Армијата за справување со пожарите кои беа присутни на територијата на Републиката. Армијата остана ангажрана до последен момент до кога тоа беше потребно. Во текот на ангажирањето во гасењето на пожарите беа ангажирани 2243 припадници на 13 локации низ државата каде имаше пожари. Армиските хеликоптери имаа 79 часа летови во кои исфрлија 472 тони вода. Согласно планот за билатералната воена соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Грција за 2021 година, во Центарот за обука на специјалните сили на Вооружените сили на Република Грција во Неа Парамос, дел од персоналот на Баталјонот за специјални сили реализираше основна и напредна обука во нуркање. Припадници на Армијата учествуваа и на вежбата за кризен менаџмент во организација на НАТО Евроатланскиот центар за координација на одговор при катастрофи (EADRCC) и Центарот за управување со кризи која се одржува во подрачјето на Охрид и Струга. Еден месец подоцна припадници од Армијата учествуваа на вежбата „Disaster Relief Military Mobility Exercise 21“, организирана од Вооружените сили на Република Словенија, со цел справување со кризи за време на елементарни непогоди. Вежбата се реализира во повеќе региони во Словенија, во планинските региони, на пристаништето Копер, природните езера како и во дел од населените места и индустриски региони. Како дел од планирачкиот процес за претстојната меѓународна вежба „SWIFT RESPONSE-2022“ која ќе се реализира во Република Северна Македонија од средината на април до крајот на мај оваа година во ноември лани се одржа планирачка конференција за воздушни операции за оваа вежба која ќе се реализира во рамки на кампањата на вежби „DEFENDER EUROPE 22“. Во почетен подофицерски чин во ноември се промовираа уште 70 професионални војници на Армијата на Република Северна Македонија, кои со успех го завршија третиот по ред курс за подофицери, а веќе во декември со воена свеченост во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје, се промовираа новите офицери на Армијата, од 21-та класа, во чин потпоручник и свечена заклетва дадоа новите питомци на Воената академија од 25-тата класа. Во последниот месец од годината беше одбележано вклучувањето на небото на Северна Македонија во системот за воздухопловно патролирање на Алијансата. На 9 декември минатата година со слетување на Меѓународниот аеродром Скопје на борбените воздухоплови на НАТО Ф-16 и АВАКС, кои учествуваа во активноста со цел демонстрирање на начинот на изведување на мисијата на НАТО за воздушно патролирање над Северна Македонија, се одбележа официјалното вклучување на македонскиот воздушен простор во системот на НАТО воздушно патролирање. -НАТО заштитува, обединува и зацврстува. Денеска имавме прилика да видиме како овие три цели и задачи на Алијансата навистина се случуваат и пред наши очи. Видовме како со членството во НАТО, Северна Македонија е посилна и позаштитена, изјави во таа прилика министерка за одбрана Радмила Шекеринска, која додаде дека отсега безбедноста на нашето небо е дел од НАТО безбедноста. - Ова е можеби еден од највидливите резултати од нашата стратешка цел - членството во НАТО. Алијансата веќе 72 години гарантира безбедност на огромен број граѓани на Северноатлантската област. Во последните 60 години таа гаранција за безбедноста на граѓаните е пренесена и на небо, со функционирање на „air policing“ Мисијата на НАТО. Сега и ние се приклучуваме на таа мисија, изјави Шекеринска. Командантот на НАТО центарот за комбинирани воздушни операции во Торехон, генерал потполковник Фернандо Де Ла Круз Каравака, кој исто така учествуваше на настанот, изјави дека дека „air policing“ Мисијата на НАТО одбележува 60 години и дека таа е основата на Алијансата во остварувањето на своите заеднички цели. НАТО воздухопловното патролирање е клучен дел од колективната одбрана, што служи како столб на Алијансата и овозможува ист стандард на обезбедување на небото на секоја од земјите – членки. Оваа мисија не се фокусира на една специфична закана, туку е една од основните алатки за зачувување на безбедноста на НАТО. Преку континуирано воздухопловно набљудување и патролирање, воздухоплови на НАТО во само неколку минути можат да одговорат на секаков вид на несигурност на небото на Алијансата. Борис Куноски

Остани поврзан