• вторник, 20 јануари 2026

Усвоен извештајот за работата на Агенцијата за заштита на личните податоци за 2024 година

Усвоен извештајот за работата на Агенцијата за заштита на личните податоци за 2024 година

Скопје, 13 јануари 2026 (МИА) - Собраниската комисија за политички систем и односи меѓу заедниците го усвои Извештајот за работата на Агенцијата за заштита на личните податоци за 2024 година.

Пред членовите на комисијата говореше Елена Велјановска, заменик-директорка на Агенцијата за заштита на личните податоци, која истакна дека извештајот ги содржи постигнувањата и предизвиците со кои се соочува Агенцијата.

- Во 2024 година Агенцијата за заштита на личните податоци презеде значајни чекори за унапредување на системот за заштита на личните податоци со цел поголема ефикасност, транспарентност и заштита на приватноста на граѓаните. Во делот на супервизијата Агенцијата спроведе 338 супервизии од страна на четири супервизори за целата територија на Република Северна Македонија, од нив 18 се редовни супервизии, 304 вонредни супервизии и 16 контролни супервизии. Од спроведените супервизии 23 се спроведени кај контролори од јавниот сектор, 305 супервизии кај контроли од приватниот сектор и 10 супервизии кај фицички лица - информира Велјановска.

Заменик-директорката на Агенцијата за заштита на личните податоци истакна дека установата врши едукација на својот кадар и соработува со меѓународни институции.

- Нашите предизвици се поврзани со недостиг на стручен кадар, особено експерти од информатичките науки, потреба од дополнителни финансиски средства за мотивирање и усовршување на кадарот. Агенцијата ќе продложи да ја зајакнува својата независност, да го унапредува капацитетот за заштита на личните податоци и да создава сигурна дигитална средина за граѓаните - нагласи Велјановска.

Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците го усвои Извештајот за работата на Агенцијата за заштита на личните податоци за 2024 година без забелешки и го проследи за понатамошна постапка во Собранието, а за известител Комисијата ја определи пратеничката Ели Панова.мт/вј/

Фото: принтскрин

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан