• четврток, 26 декември 2024

Усвоен европскиот Кодекс за професионални стандарди – Фондацијата Метаморфозис потписник од Северна Македонија

Усвоен европскиот Кодекс за професионални стандарди – Фондацијата Метаморфозис потписник од Северна Македонија
Скопје, 15 септември 2022 (МИА) - Повеќе од 40 организации за проверка на факти ширум Европа усвоија професионален Кодекс кој ги дефинира стандардите на методологијата, етиката и транспарентноста потребни за целокупна и ефикасна борба против дезинформациите. Фондацијата Метаморфозис, издавач на сервисот за проверка на факти, Вистиномер уште од 2011 година, заедно со своите европски партнери зеде активно учество во изработката на Кодексот како единствен потписник и единствен со-основач на ЕФЦСН од Северна Македонија. „Европскиот кодекс на стандарди за независните организации за проверка на факти“, кој беше објавен денеска, е развиен преку проект кој вклучува организации за проверка на факти од повеќе од 30 земји од Европа. Овој Кодекс е резултат на повеќемесечни истражувања, анкети, дебати и дискусии меѓу европските проверувачи на факти, како и академици и други експерти од областа. Конечната верзија на Кодексот беше одобрена од 44 организации од вкупно 45 кои гласаа. - Стандардите претставени во Кодексот, кои опфаќаат прашања почнувајќи од квалитетот на изворите, па сѐ до непартиска определеност и финансиска транспарентност, мора да бидат почитувани со цел организациите за проверка на факти да станат верификувани членки на Европската мрежа за стандарди при проверката на факти (ЕФЦСН), која ќе ја организира, поддржува и претставува оваа заедница. Членството на одредена организација во оваа мрежа ќе биде знак за јавноста дека таа организација за проверка на факти работи независно и етички, но и дека посветено му служи на јавниот интерес, информираат од Фондацијата Метаморфозис. Метаморфозис и Вистиномер се, исто така, сертифицирани потписници на Кодексот на принципи, создаден од Меѓународната мрежа за проверка на факти (ИФЦН/IFCN) од Вашингтон, основана под закрила на Поинтер Институтот, глобален лидер во новинарството. Овие меѓународни ангажмани ни овозможуваат да ги зајакнеме нашите методологии за проверка на факти, да бидеме на челна позиција при кодификацијата на новите стандарди и принципи за проверката на фактите и со тоа да бидеме во можност да им ги пренесеме новостекнатите знаења и практики на новинарите и медиумите од С. Македонија и регионот на Западниот Балкан. Како што посочуваат од „Метаморфозис“, со веќе одобрениот текст на Кодексот, следен чекор на Европската заедница за проверка на факти е состанок во Мадрид на крајот на септември на кој ќе се разговара за дефинирање мисија и структура на мрежата, како и за раководно тело што ќе го надгледува спроведувањето на Кодексот. Дополнително, во наредните месеци, ЕФЦСН ќе ја поддржи европската истражувачка заедница со отворен извор во развојот на посебна низа упатства прилагодени на нивната работа и мисија. Овој проект е дел од Повикот за интегритет на социјалните медиуми на Европската комисија и е предводен од шест европски организации фокусирани на борбата против дезинформациите: Fundación Maldita.es (Шпанија), AFP (Франција), CORRECTIV (Германија), DEMAGOG (Полска) , Pagella PoliticaFacta (Италија) и EU DisinfoLab (Белгија).фф/са/

Остани поврзан