• сабота, 23 ноември 2024

Усвоени заклучоци од Јавната расправа за рамноправност на жените од руралните средини преку нивна инклузија на пазарот на труд

Усвоени заклучоци од Јавната расправа за рамноправност на жените од руралните средини преку нивна инклузија на пазарот на труд

Скопје, 12 ноември 2024

Во рамките на првото продолжение од 2. Седница, Комисијата за еднакви можности меѓу жените и мажите ги усвои заклучоците од одржаната Јавна расправа на тема: „Рамноправност на жените од руралните средини преку нивна инклузија на пазарот на труд“.

Зaклучоци:

1. Подобрување на економската и социјалната положба на жените во руралните средини преку зајакнување на ефективноста и влијанието на националните програми за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, законите и стратегиите од областа на рамноправноста, недискриминацијата, земјоделството, руралниот и социјален развој;

2. Креирање на акциски план и промовирање мерки за зголемување на можностите за вработување на жените од руралните средини; креирање мерки за признавање на неплатениот труд на жените за грижа на семејството и наоѓање решенија за жените од руралните средини кои немаат остварено право на пензија,односно препознавање на неплатениот труд на жените преку измена на законот што предвидува социјална пензија;

3. При креирање на мерките, политиките и стратегиите кои се однесуваат на земјоделството и руралниот развој да се води сметка за рамноправност на жените и мажите;

4. Подобрување на достапноста на јавните услуги (здравствени, образовни и социјални услуги) за жените во руралните средини, што е во согласност со Целите за одржлив развој;

5. Измени на Законот за здравствено осигурување со цел остварување на правото на родителско отсуство и боледување на регистрираните земјоделки, односно земјоделци;

6. Министерството за здравство неопходно е да го продолжи инклузивниот процес за измени и дополнување на Законот за здравствено осигурување во кој ќе бидат вклучени и здруженијата на граѓани кои ги застапуваат руралните жени;

7. Да се развие стратегија за обезбедување на олеснителни критериуми при аплицирање на руралните жени за добивање под закуп на државно земјоделско земјиште;

8. Спроведување на кампањи за подигнување на јавната свест за рамноправност на жените и мажите при располагање со земјиштето, односно стекнување на правото на сопственост;

9. Поголемо вклучување на жените од руралните средини во креирањето на политики на локално (преку комисиите за еднакви можности) и национално ниво. Да ги поттикнеме локалните комисии за еднакви можности на жените и мажите да одржат јавни расправи во соработка со граѓанскиот сектор и со централната власт и да ги промовираат мерките, со цел поголема информираност на жените за искористување на планираните средства;

10. Да се разгледаат можностите за подобрување на сервисите за превенција и заштита од насилство врз жените и семејното насилство и нивната достапност за жените од руралните средини, вклучително и можностите за зголемување на бројот на засолништа за жените кои преживеале насилство и семејно насилство на разумно растојание од руралните средини и услуги за советување и рехабилитација и пристап до медицинска и психолошка поддршка;

Веднаш по завршувањето на оваа седница, претседателката на Комисијата за еднакви можности меѓу жените и мажите, Жаклина Пешевска, ја отвори и Третата седница, на која едногласно беше изгласано одржување на нова јавна расправа на тема: „Спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство“.

Сектор за односи со јавноста

Собрание на Северна Македонија 

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

 

 

 

 

 

 

Остани поврзан