• среда, 25 декември 2024

Усвоената листа на производи за спречување нефер трговски практики дополнително ќе ја намали инфлацијата, најавува Бектеши

Усвоената листа на производи за спречување нефер трговски практики дополнително ќе ја намали инфлацијата, најавува Бектеши

Скопје, 20 јуни 2024 (МИА) – Министерството за економија согласно Законот за нефер трговски практики веќе ја усвои листата на производи која дополнително треба да придонесе за намалување на инфлацијата, особено во делот на основните прехранбени производи, информира ресорниот министер Крешник Бектеши. 

-На предлог на Министерството за економија беа донесени 25 одлуки за ограничување на цените на основните прехранбени производи, ограничување на маржа на одделни производи, како и укинување на царина на одредени прехранбени производи, се со цел да се заштити животниот стандард на граѓаните од ценовната криза. Како резултат на мерките кои ги донесовме успеавме за една година да ја намалиме инфлацијата од 19,5 отсто во ноември 2022 до 3,1 отсто на крајот на минатата година. За таа цел првпат во земјата беше донесен и Законот за нефер трговски практики. Со новите договори што ќе ги имаат снабдувачите и производителите со трговците на мало по усвојувањето на листата, кои треба веќе да почнат да ги склучуваат, инфлацијата на основните прехранбени производи треба дополнително да се намали и да биде под 2 отсто во наредните месеци, рече Бектеши на денешната прес-конференција на која даде отчет за неговото водење на Министерството. 

Во изминатите седум години, како што кажа, беа донесени десетици закони, стотици подзаконски акти, правилници, илјадници решенија се со цел подобрување на бизнис климата во земјата.

-Со законските измени во енергетскиот сектор направивме клучни реформи за енергетската стабилност во државата, додека со законските измени за поддршка на инвестициите отворивме пат за уште поголем раст и развој на економијата. Со темелните реформи кои ги направивме во изминатите седум години, но и во изминатиот период на здравствена, енергетска и ценовна и економска криза, со мерките кои ги донесовме, се боревме да го задржиме секое работно место и да обезбедиме подобри услови за живот на сите граѓани, рече Бектеши.

Во делот на енергетиката истакна дека бил почнат нов инвестициски циклус во делот на обновливи извори на енергија (ОИЕ) што резултирал со значителен раст и изградба на електроенергетски постројки за производство на електрична енергија од ОИЕ особено во делот на фотоволтаици чија инсталирана моќ од 20 мегавати во 2017 година е зголемена на 600 мегавати,а веќе се дадени лицеци за 1.311 мегавати. Тоа придонело ОИЕ во вкупното производство на електрична енергија да учествуваат со 33 отсто за разлика од 2017 година кога беше под 20 отсто.

-Преку програмата за енергетска ефикасност за седум години поддржани се над 10.000 домаќинства преку мерките за субвенции за замена на ПВЦ или алуминиумски прозорци, субвенции за сончеви коелктори, и фотонапоснки централи за домаќинства. Во овој период, за наведените мерки се доделени повеќе од 400 милиони денари, што значително придонесе за енергетски поефикасни домаќинства, како и за зголемување на искористеноста на обновливите извори од страна на домаќинствата. Исто така, за време на енергетската криза за две години - 2022 и 2023 година за субвенции за намалување на сметките за струја за ранливи категории на граѓани беа доделени околу 120 милиони денари буџетска поддршка, рече Бектеши.

Преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции, додаде, поддржани се вкупно 919 странски и домашни компании кои во изминатите шест години инвестирале над 500 милиони евра, а за нив се исплатени 100 милиони евра државна финансиска поддршка.

-Драстично се зголеми поддршката за туризмот, посебно преку мерката за ваучери за домашен туризам преку кој ги поддржавме и домашните туристички капацитети. Од кога почна да се реализира оваа мерка во 2018 година, па до сега Министерството за економија има доделено вкупна поддршка од 770 милиони денари, а издадени се над 120 илјади ваучери за туризам за работници со ниски приходи, рече Бектеши.

Со донесените измени и дополнувања на Законот за минерални суровини со кои, посочи, се обезбедува поголема безбедност и здравје на граѓаните, донесени се 144 одлуки за едностран раскин и престанок на важење на договори за концесии за експлоатација, а издадени се 123 дозволи за експлоатација на минерални суровини. 

-Преку програмите за поддршка на претприемништвото и иновативноста кај мали и средни компании, за седум години доделена е вкупна финансиска поддршка од 202 милиони денари, а поддржани се 1.923 компании преку мерките за поддршка на женско претприемништво, сертификација, проекти и програмски активности на фондации, здруженија, занаетчиски комори, мрежи на бизнис ангели. Преку програмите за поддршка на преработувачката индустрија и општествена одговорност се реализирани мерки во вредност од 61,3 милиони денари, а поддржани се 190 компании, кластери и здруженија за обуки на вработени во индустријата, паметна специјализација, акредитација на лабаратории и воведување на стандарди, рече Бектеши и додаде дека над 50 дуќани од Скопската чаршија добија вкупна фианнсиска поддршка од 4 милиони денари за унифицирање на нивните излози.вј/лв/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан