• четврток, 26 декември 2024

Урбанизмот и градежништвото најподложни на корупција

Урбанизмот и градежништвото најподложни на корупција
Скопје, 29 јуни 2022 (МИА) - Урбанизмот и градежништвото се најподложни на корупција, правосудството не постапува доволно, а граѓаните сметаат дека корупцијата е поголем проблем, дури и од проблемот со невработеноста, истакнаа учесниците на денешната панел дискусија на тема „Корупцијата во урбанизмот и градежништвото“, организирана од Коалицијата „Сите за правично судење“ .
На дискусијата која беше отворена и на која граѓаните имаа можност да ги истакнат своите проблеми, искуства и мислења, во улога на панелисти учествуваа релевантни експерти од областа на корупцијата.
Извршна директорка на НВО Инфоцентар, Билјана Бејкова  појасни дека граѓаните сметаат дека најмногу корупција има во издавањето градежни дозволи, спроведувањето инспекциски надзори, подготовката на деталните урбанистички планови, спроведувањето на јавните набавки.
- Овие резултатите потврдуваат дека урбанизмот и градежништвото се област или меѓу областите најподложни на корупција и тоа заради сите оние спреги кои постојат, како економските интереси, политичките притисоци, правните празнини, истакна Бејкова.
Истражувањата на НВО Инфоцентарот покажале дека урбанистичките планови се повеќе го забораваат јавниот интерес и во нив доминираат планови како оние за бензиските пумпи, винариите, фотоволтаците.
- Сето ова покажува на тој коруптивен синџир меѓу планерите, изведувачите, надзорот од државните инстиуции на локално и национално ниво, заклучи Бејкова.
Според претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, корупцијата ја генерираат неколку фактори како ниското ниво на интегритет на човечкиот фактор,  силното политичко влијание во јавниот сектор и злоупотреба на овластувања, неказнивост поради проблеми во владеењето на правото какао и ниската стапка на санкционирање на коруптивното однесување и несоодветен систем за надзор и контролни механизми во јавниот сектор.
- Овие ризични фактори се заеднички именител за сите анализирани сектори содржани во националната стратегија за борба против корупција која државната комисија ја подготви, а Собранието ја усвои  минатата година во април, во оваа стратегија опфатени се 13 сектори во кои сите овие ризични фактори генерирааат корупција. Опфатени се и две хоризонтални области, вработување и јавни набавки, секторот урбанизам и градежништво како високоризичен сектор е дел од стратегијата, законската регулатива за вршење на работи во областа на градежништвото и урбанзмот и просторното планирање предвидува издавање на одобренија решенија, лиценци и други документи значењето на овие  документи е уште поголемо ако се земе предвид дека градежните зафати чие одобрување во надлежност на овој сектор вообичаено се многу скапи, а тоа остава простор за притисоци, влијанија и поттикнување на коруптивното однесување, од таа причина издавањето на различните документи, одбренија како и инспекцискиот надзор се сметаат како точки кои можат да генерираат висок ризик од корупција во овој сектор, порача Ивановска.
Оцени дека во овој сектор има голем парадокс во однос на гласањата на стратегијата и Законите од страна на позицијата и опозицијата.
- Од една страна има законик кој ја регулира областа, а од друга страна имаме Закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти за кој во Собранието гласаше и позицијата и опозицијата. Иако препораката на ДЗС во националната стратегија за која добивме поддршка и од двете страни е да се ограничи употребата на овој Закон, бидејќи истиот ги загрозува принципите за владеење на правото за плански развој на просторното планирање и почитување на уставно загарантираното право на граѓаните за уредување и хуманизација на просторот и заштита и унапредување на животната средина. Што е ова ако не корупција и купување глас, запраша Ивановска.
Додаде дека дополнителен проблем е надвладување на приватниот над јавниот интерес при изготвување на просторните и урбанистичките планови, недоволната транспарентност во постапките за просторно и урбанистичко планирање како и недоволен надзор над изведбата на надградбите од втора категорија.
- Урбанистичкото планирање е можеби најважниот дел во овој сектор од кој се очекува да се даде акцент на јавниот интерес, всушност и самиот урбанистички план е огледало на јавниот интерес, меѓутоа носењето на урбанистичките планови често е проследено со низа контраверзиии најчесто предизвикано од надвладувањето на приватниот интерес над јавниот, подвлече таа.
Напомена дека отсуството на надзорни инспектори е слабост која треба да се поправи преку зголемување на одговорноста на одговорноста и отчетноста за сработеното.
Порача дека природата не препознава корупција и амандмани, туку казнува со природни катастрофи од кои страдаат сите.
Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ се надоврза дека истакнатите проблеми на панел дискусијата водат кон заклучок дека надлежните се недоволно одговорни, а вина имаат и судските власти кои не постапуваат.
- Општините кои управуваат врз основа на дадена согласност од централната власт се одговорни за подготовка на ДУП-ови и урбанстички планови, се одговорни за издавање на дозволи за градба, и зашто се градат толку згради, единствена причина е бидејќи општините обеспарени, немаат финасиски средства, доколку некои од нив не издават дозволи за градба и не прават приходи од комуналии не ќе не можат ни платите да ги исплатат согласно сегашната состојба и заради тоа се под притисок дека треба да издадат многу повеќе дозволи отколку што планирале, изјави Перишиќ.
Порача дека кога општините би имале доволно финасиски средства таа состојба би била  спречена.
-Примерите покажуваат дека нашето правосудство е застанато, примерот што го имаме со недоаѓање на државните органи на оваа дебата покажува дека тие не се капацитетни да си ја вршат својата работа и да бидат одговорни за она за што примаат пари, односно да го вршат надзорот и да казнуваат секогаш кога тоа треба, вината би ја фокусирала сосема на друго место, не во општините бидејќи секој што згрешил треба да одговара, потенцира таа.
Панел дискусијата е активност која се организира во рамки на Годишната програма за работа на Коалиција „Сите за правично судење“, финансиски поддржана од страна на Европската комисија преку Делегацијата на Европската унија во Скопје. свс/сп/

Остани поврзан