• недела, 28 јули 2024

Управниот одбор на КЈП „Водовод“ – Кочани бара поскапување од 123,5 отсто за кубен метар геотермална вода

Управниот одбор на КЈП „Водовод“ – Кочани бара поскапување од 123,5 отсто за кубен метар геотермална вода
Кочани, 27 септември 2022 (МИА) – Управниот одбор на КЈП „Водовод“ утврди нова, повисока цена на чинење на кубен метар геотермална вода, што во иднина ќе ја плаќаат корисниците на топла вода приклучени на системот „Геотерма“. Поскапувањето е за 123,5 отсто. Според одлуката што ја донесе Одборот, наместо 33,82 денари, отсега корисниците ќе треба да плаќаат по 75,61 денар за потрошен кубен метар. -Калкулацијата за промена на цената е изработена од стручниот тим на КЈП „Водовод“ и е во согласност со тарифникот што се применува од 1 јануари 2021 година. Цената од 75,61 денар за кубен метар геотермална вода ќе се применува од 1 октомври 2022 година, се истакнува во одлуката на Управниот одбор на „Водовод“. Пред околу седум години Владата, која беше надлежна за утврдување на тарифникот, одреди дека концесиската цена на геотермалната вода изнесува 12 денари за метар кубен, на што се додава просечната цена на килограм мазут. Висината на цената на геотермалната вода до пред крајот на 2016 година ја одредуваше Регулаторната комисија за енергетика, но со измените во законот за енергетика надлежностите преминаа на локалната самоуправа. Токму заради тоа барањето за одредување на новата цена е доставено до Советот на Општина Кочани, кој треба да го разгледува на седница што е закажана за в петок. та/мд/

Остани поврзан