• среда, 13 ноември 2024

Управителот на МЕМО, Шутиноски во Брисел учествува на Форум за интеграција на пазарот на електрична енергија

Управителот на МЕМО, Шутиноски во Брисел учествува на Форум за интеграција на пазарот на електрична енергија

Брисел, 17 април 2024 (МИА) - Управителот на Националниот оператор на пазарот на електрична енергија – МЕМО, Симон Шутиноски денеска во Брисел ќе учествува на Форумот за интеграција на пазарот на електрична енергија, каде ќе има обраќање на Панел-дискусијата „Дали интеграцијата на договорните страни на Енергетската заедница ќе обезбеди посилен единствен европски пазар за електрична енергија“. 

Покрај, Шутиниски на панелот ќе говорат и генералниот директор на Дирекцијата за електроенергетика при Министерство за енергетика и рударство на Црна Гора, Звјездан Вујовиќ, потпретседателот на Унгарска регулаторна управа за енергетика и јавни комунални претпријатија (MEKH), Пал Сагвари, раководител на Одделот за организација на здружени аукции во украинската Национална енергетска компанија „Укренерго“, Дмитро Корнијенко и претседателот на Комитетот за пазарно поврзување (МЦСЦ), Косимо Капидољо. Модератор на дискусијата ќе биде извршниот директор на Алпско-јадранско дунавската берза за електрична енергија (АДЕКС) и на Словенечката енергетска берза (БСП), Анже Предовник. 

Во фокус на дебатата на панелот ќе биде Планот за интеграција на берзите од Западниот Балкан, кој треба да се достави до Европската комисија до јуни 2024 година.  

Покрај овој, на форумот, што ќе се одржи во седиштето на Европскиот парламент во Брисел, ќе има и панел на тема „Известување за придобивките од интеграцијата на енергетскиот пазар: Зошто е потребна политичка поддршка за олеснување и забрзување на поврзувањето на пазарот на електрична енергија во регионот, чиј модератор ќе биде генералниот секретар на Асоцијацијата на европски енергетски берзи (ЕУРОПЕКС), Кристијан Баер. Говорници на овој панел, според најавата, треба да бидат министерката за рударство и енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, европратеникот Дан Ника, заменик-генералната директорка на Генералната дирекција за енергетика на Европската комисија, Михтилд Ворсдорфер, директорот на Енергетска заедница, Артур Лорковски и раководителот на Одделот за електрична енергија при Агенција на ЕУ за соработка на регулаторите за енергетика (АЦЕР), Кристоф Генс-Крекс. 

Обраќања на форумот ќе имаат и претседателот на Комитетот на сите номинирани оператори на пазарот на електрична енергија (НЕМО), Рафаел Гомез-Елвира Гонзалес, како и европратениците Франц Богович и Клемен Грошељ. 

Усвојувањето на Пакетот за интеграција на електрична енергија од страна на Министерскиот совет на Енергетската заедница во 2022 година означи важен чекор на патот кон понатамошна интеграција на договорните страни на Енергетската заедница во внатрешниот пазар на електрична енергија на ЕУ. На среден рок, пакетот создава услови за целосна интеграција на енергетските пазари на договорните страни - Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Косово, Молдавија, Србија, и Украина и Црна Гора, во единствениот европски пазар на електрична енергија. Сепак, се уште значителен предизвик претставува регулаторната и техничката имплементација, вклучително и усвојувањето на специфични правила и процедури, како и многу практични аспекти.  

Првата пресвртница во процесот на имплементација ќе биде постигната со усвојувањето на Планот за интеграција на Операциите за спојување на пазарот (MЦO) што треба да се случи во јуни 2024 година. Сите номинирани оператори на пазарот на електрична енергија (НЕМО) и сите оператори на системите за пренос (ТСО) од земјите членки на ЕУ и договорните страни се очекува наскоро да достават предлог за овој план. Врз основа на овој нацрт ќе биде предложен Акциски план за интегрирање на договорните страни во единствено ден однапред поврзување (СДАЦ) и единствено интердневно поврзување (СИДЦ). Пред да биде формално усвоен, Планот треба да биде ревидиран и одобрен од Агенција на ЕУ за соработка на регулаторите за енергетика (АЦЕР), по што ќе може дополнително да се спроведуваат конкретни проекти за интеграција. 

Главната цел на форумот е да генерира политичка и регулаторна поддршка за понатамошна интеграција на пазарите ден однапред на договорните страни на Енергетската заедница со пазарите ден однапред од земјите членки на Европската унија, со посебен фокус на имплицитно спојување на пазарот на електрична енергија. Дополнително, овој формат треба да обезбеди солидна предвидливост во однос на предусловите што треба да се исполнат за успешна и навремена интеграција, како и специфичните предизвици што ги чекаат различни засегнати страни. сп/мд/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан