• недела, 24 ноември 2024

Управен одбор на Токсикологија: Веднаш да се примени забраната за невработени во медицински и болнички соби

Управен одбор на Токсикологија: Веднаш да се примени забраната за невработени во медицински и болнички соби

Скопје, 2 мај 2024 (МИА) - Претседателот на Управниот одбор на Клиниката за токсикологија во Скопје, согласно решението од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), напиша допис до главната сестра, донесен е заклучок веднаш да се примени забраната за влегување на невработени лица на Клиниката во медицински простории и болнички соби, изјавија попладнево за МИА од оваа установа.

- Денеска во 10 часот се одржа онлајн состанок на Управниот одбор на Токсикологија. На дневен ред беа две точки. Едната од организациската директорка за промена на брокер за осигурување на Клиниката, што беше усвоена. Втора точка од медицинскиот директор, за примена на решението од ДСЗИ, чие неприменување беше укажано од вонредниот инспекциски надзор од 30 април, од организациската директорка, иако од медицинскиот директор има допис до главната сестра да забрани влегување на лица кои немаат никаков договор за работа во медицински и болнички простории, како и до сметководство да укине регистрација од токени. Од инспекцијата беше посочено дека ова решение од Комисијата, мора да се почитува, велат од Клиниката.

Како што тврдат, овој записник бил уредно прочитан од комисијата, но, не бил потпишан од организациската директорка, исто како и првиот записник од 5 април.

Претходно денеска, директорката на ДСЗИ, Рената Младеновска информираше дека поради делумно постапување по решението со опомена на ЈЗУ Универзитетска клиника за токсикологија во Скопје според закон и понатамошното евидентирано присуство на оваа клиника на здравствени работници и здравствени соработници без договори за вработување, ќе биде издадено решение за забрана на нивно присуство, согласно законските правила.

Директорката на Државниот санитарен здравствен инспекторат Рената Младеновска најави дека денеска ќе и биде донесена новата одлука со дообјаснувањето од Комисијата за заразни болести  со што

На 30 април, извршен бил контролен инспекциски надзор на оваа клиника, по изминати рокови за постапување од наложените мерки со решение издадено од Државниот санитарен и здравствен инспекторат на 5 април.

Имало увид во документи од страна на медицинскиот директор и организацискиот директор и исписот од електронскиот систем за евиденција на работното време и контрола на пристап до просториите, односно присуство во просториите на јавните здравствени установи во периодот по приемот на решението, од 19 април до денот на контролниот инспекциски надзор 30 април.

Единаесет здравствени работници и соработници во решението од ДСЗИ кои биле без никаков договор за вработување, откако договорите им истекле на 31 декември лани и понатаму се евидентирале во електронскиот систем за евиденција на работното време и контрола на пристап до просториите. Со евиденцијата на присуство во просториите на јавните здравствени установи не било постапено по точка 1 од решението.

Постапено било само по точка 4 - медицинскиот директор на Клиниката побарал од претседателот на УО да свика состанок, тој ги поканил членовите и денеска била закажана седница.

- Првото решение беше решение за опомена, ова сега ќе биде решение за забрана. Доколку не ја почитуваат забраната ќе одиме со казни. Казните треба да ги провериме во Законот колку изнесуваат, тие ќе бидат секако парични казни коишто ќе се однесуваат и на медицинскиот и на организацискиот директор и на установата, појасни Младеновска, одговарајќи на новинарски прашања.

Министерот за здравство Илир Демири на 22 април на прес-конференција најави дека ќе го разреши медицинскиот директор на Токсикологија, Данил Петровски. Тој рече дека пред извесен период бил прашан од новинар за состојбата на Клиниката за токсикологија каде, како што му било кажано, 18 вработени не примиле плата четири месеци и дека во истата институција има за жал и навреди на национална основа.

Демири посочи дека тој ден потпишал решение со кое бара длабоко истражување од надлежните институции во врска со вработувањата во јавното здравство.

Истиот ден, претходно, лекари алармираа за хаос што се случува на Токсикологија, особено, како што рекоа, откако била назначена организациската директорка.

Доктор Нико Беќаровски тогаш истакна дека Клиниката веќе неколку години е на маргините, во рок за шест години се сменети пет директори, додавајќи дека од 12 февруари, клиниката има нова организациска директорка, дипломиран економист, со која се соочувале со отпор и несоработка.

На новинарско прашање, тој одговори дека меѓу 18-те лица за кои директорката Бесија Иљази барала да се вработат со договор на дело, имало и болничар кој пред неполн месец вршел притисок кај лаборант да замени урина во која имало наркотици, со чиста урина.

Беќаровски подвлече дека немаат комуникација со директорката, бидејќи, како што рече, таа не го знаела македонскиот јазик. Тој рече дека имал обиди со неа да разговара на англиски. Комуникацијата, додаде Беќаровски, била преку преведувач, кој бил дел од тие 18 лица, па докторот рече дека не знаат дали точно се пренесувало тоа што го зборувале и обратно, дали точно им се преведува нејзиното говорење.

Организациската директорка на клиниката даде изјава за медиуми истиот ден, но, само на албански јазик.

На прашањето зошто организациската директорка на Токсикологија не даде изјава на македонски јазик, туку само на албански, додека новинарите беа на Клиниката за токсикологија, министерот за здравство кажа дека самиот рекол да не се даваат изјави.

- Оти ако ме забележувате, колку сум воздржан во тоа што го кажувам. Ако има потреба, ќе даде и со преведувачи, одговори Демири на новинарско прашање.

На 26 април, тој рече дека не се точни наводите дека организациската директорка доаѓала на работа четири часа.

- Според моите сознанија, економската директорка оди на работа и не се паркира на влезот на Клиниката. Проверено е, рече Демири. бд/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан