• четврток, 05 март 2026

Управата на Кардиолошкиот завод од Охрид за стипендијата на д-р Мојсовска Наумоска дознала од медиумите и социјалните мрежи

Управата на Кардиолошкиот завод од Охрид за стипендијата на д-р Мојсовска Наумоска дознала од медиумите и социјалните мрежи

Охрид, 4 март 2026 (МИА) – Заводот за кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ од Охрид како институција воопшто не е запознаен со начинот на кој вработената лекарка во установата Виолета Мојсовска Наумоска го добила грантот за стипендија доделен од Европското здружение на кардиолози за нејзина професионална дообука на клиника во Италија.

На денешната прес-конференција свикана по повод преписките и објавите на социјалните мрежи за наводно намерно спречување на професионалната дообука на Мојсовска Наумоска од страна на институцијата во која работи, беше истакнато дека за да биде доделен грант за обука и стипендија на било кој вработен мора во апликацијата да биде доставена согласност на институцијата каде е професионално ангажиран.

- Ние за апликацијата и доделениот грант дознавме од социјалните мрежи. Свесни сме за чувствителноста на јавноста кога станува збор за поддршка и професионален развој на младите кадри. Во конкретниот случај не станува збор за попречување  во унапредувањето или неадекватен третман или институционална опструкција, истакна директорката на Заводот Билјана Теговска.

За доделениот едногодишен грант од областа на интервентната кардиологија од претседателот на Европското здружение на кардиолози било побарано појаснување за тоа дали во процесот на апликација за грантот е потребна согланост или препорака од Заводот од одговорниот на Одделот за интервентна кардиологија, и доколку се доставени да бидат доставени на увид на Заводот за кардиологија во Охрид.

- Никој од нашата институција не потпишал таква согласност или препорака. Одлуките во врска со меѓународно образование се донесуваат исклучиво врз однова на националните приоритети и потреби. Доделувањето грант без знаење на Заководот во Охрид и со забиколување на воспоставените процедури го поткопува кредибилитетот на нашиот медицински персонал и етичките стандарди врз кои е заснована нашата институција, рече таа.

Заводот, како што рече Теговска, како и досега и натаму ќе стимулира едукации и професионален развој на младите колеги, но тоа ќе биде во рамки на предвидените процедури, како и потребите на болницата согласно нејзините планови за развој.

- Како институција за првпат се соочуваме со ваква ситуација, за нечија обука или стипендија на наш вработен да дознаваме од медиумите...рече Теговска пред медиумите, нагласувајќи дека во прилог на апликацијата задолжително треба да се достави и препорака од актуелниот раководител на Одделот во кој кандидатот работи или актуелен ментор  (супервизор) доколку апликантот работи под супервизија. Според нашите сознанија Д-р Мојсоска Наумоска ниту ги има побарано, ниту ги има добиено задолжителните препораки согласно правилата за апликација, рече директорката.

Инаку, како што беше посочено на прес-конференцијата, дополнително конкретниот случај, во изминатиот период Заводот за кардиовакусларни заболувања во Охрид се соочува со голем  број претставки, жалби, поднесоци и барања на информации од јавен карактер, како и постапки пред Судови, Државна второстепена комисија, Агенција за слободен пристап до информации, Инспекторати, сите поднесени од д-р Мојсоска, што е разгледувано на седници на Стручниот колегиум и притоа се донесени заклучоци едногласно усвоени од членовите на истиот.

Од директорката и од речиси целиот лекарски колегиум на Заводот беше упатен апел до јавноста и претставниците на медиумите да се воздржат од дискредитации, осуди, омаловажувања, дел од кои лични и крајно недостоинствени кон болницата како здравствена институција и кадарот на самата институција, како и информации базирани на еднострани и невистинити изјави во отсуство на факти.

Со цел да се сочува реномето на установата, беше посочено дека како и досега болницата ќе се  раководи според законските прописи, интерните акти за работа, одлуките на Управниот Одбор, етичките стандарди, а пред се со цел и натаму да обезбедува стручна, навремена и врвна здравствена заштита на пациентите што е и основа за нејзиното постоење. аб/са/

Фото: МИА

 

Остани поврзан