• недела, 24 ноември 2024

УПОЗ: Кадија „си“ тужи, кадија „си“ суди

УПОЗ: Кадија „си“ тужи, кадија „си“ суди

Скопје, 28 февруари 2024

Гранскиот Колективен договор се однесува само на вработените, а не на функционерите, но со оваа одлука на Апелациониот суд Битола им се отвора патот на сите функционери, избрани или именувани да добијат регрес за годишен одмор, нека е честито. Очигледно не беа доволни 78%, па да се земе дур се може и тоа што треба и тоа што не треба.

Апелациониот суд Битола на 23.01.20204 година, преиначил пресуда на прво степен суд и одлучил дека судија од Основен суд Битола треба да добие регрес за годишен одмор и тоа за 2020, 2021 и 2022 година, во износи од по 9.000,00 денари за секоја година, со законска казнена камата.

Судскиот буџетски совет на седница одржана на 26.02.2024 година, по точка 4 од дневниот ред, го разгледал и усвоил барањето од ОС Битола за исплата на пресуда на ОС Прилеп РО-287/23 од 10.07.2023 година и пресуда на Апелационен суд Битола РОЖ-553/23 од 23.01.2024 година, што само по себе значи дека сите судии, над 650 на број во државава, ќе треба да добијат регрес за годишен одмор во износ од 27.000,00 денари, и со тоа и да го испразнат буџетот на Судскиот буџетски совет.

При носење на Пресудата, Апелациониот суд Битола посветил големо внимание во толкување на Гранскиот Колективен договор, и заклучил дека иако тужителот (СУДИЈА) Е ИЗБРАН ФУНКЦИОНЕР, тој е вработен, истиот треба и мора да добие регрес за годишен одмор, и токму по одредбите на Гранскиот колективен договор.

Иако, Комисијата за следење и измени и дополнувања на Гранскиот Колективен договор, на 18.08.2021 година, има донесено Заклучок во кој се вели дека: Функционери, односнно лица кои добиле мандат да изввршуваат функција на парламентарни или локални избори и лицата кои добиле мандат да извршуваат функции во извршната или судската власт преку избор или именување од Собранието на Република Северна Македонија или од органите од локалната власт, како и други лица кои согласно со закон се избрани или именувани на функција од носителите на законодавната, извршната или судската власт НЕ СЕ СМЕТААТ ЗА ВРАБОТЕНИ согласно Гранскиот колективен договор, Апелациониот суд од Битола, решил да донесе пресуда против здравиот разум и правните норми и да им овозможи на над 650 судии во државата да добијат по 27.000,00 денари за три години неисплатен регрес.

Ваквото толкување на Апелациониот суд Битола, значи дека сите функционери (премиер, министри, заменици министри, пратеници, градоначалници, директори, итн.) иако се функционери, ќе треба да добијат регрес за годишен одмор бидејќи по Законските прописи во Р. Македонија, сите функционери се вработени во државните институции и таму им тече стаж.

За вработените кога се распишани избори не смеат да се исплаќаат додатоци и надоместоци на плата бидејќи истото се смета за корупција, за судиите очигледно не важат истите правила, впрочем сами си ги пишуваат.

Синдикат на УПОЗ

_____________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

фото МИА архива 

 

Остани поврзан