• четврток, 26 декември 2024

Упад и закани во кипарска телевизија по избор на „сатанистичка песна“ за Евросонг

Упад и закани во кипарска телевизија по избор на „сатанистичка песна“ за Евросонг
Никозија, 1 март 2021 (МИА) - Песната што ќе го претставува Кипар на Евровизија ги бранува страстите во оваа земја, по огорченоста на некои општествени кругови коишто ја опишуваат како сатанистичка. „Му го дадов срцето на ѓаволот... Затоа што тој ми вели дека сум неговиот ангел“ - се дел од стиховите на „El Diablo“ (Ѓавол). Изборот на песната во изведба на Гркинката Елена Кагрина предизвика бурни реакции кај многу Кипрани. Така, Здружението на наставници по веронаука во средните училишта изрази „гадење“ од песната и побара нејзино повлекување. Десничарската партија ЕЛАМ е на став дека песната, дури иако нејзиниот текст е метафоричен, ја навредува нивната вера. Кипарската полиција денеска објави и дека еден човек е обвинет за упатување закани и предизвикување немири по упад во кипарскиот радио-телевизиски комплекс. Сведоците на вчерашниот инцидент сведочат дека човекот им се заканувал на вработените во редакцијата на Кипарската радиодифузна корпорација, со изјави оти изборот на песната претставува навреда за христијанството. Телевизијата добила и телефонски закани дека ќе биде спалена. Во истовреме, песната има и свои поддржувачи меѓу другите граѓани на Кипар. Оваа островска земја го постигна најдобриот резултат на Евровизија во 2018 година, кога го освои второто место со песната „El Fuego“ во изведба на Елени Фуеира. си/ссм/

Остани поврзан