• сабота, 23 ноември 2024

УНРВА: Против детска парализа во Газа досега се вакцинирани 90 отсто од децата

УНРВА: Против детска парализа во Газа досега се вакцинирани 90 отсто од децата

Газа, 16 септември 2024 (МИА) – Околу 90 отсто од децата во Газа досега се вакцинирани против детска парализа, изјави денеска шефот на Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА), Филип Лазарини, додавајќи дека следниот чекор е да се гарантира дека стотици илјади од нив ќе добијат и втора доза на крајот на месецот.

Кампањата насочена кон вакцинирање на околу 640.000 деца под 10-годишна возраст против детска парализа во Газа, која започна на 1 септември, претставува огромен предизвик за УНРВА и партнерите поради тековниот конфликт меѓу Израел и Хамас.

Добрата вест доаѓа откако Светската здравствена организација (СЗО) минатиот месец објави дека бебе било делумно парализирано од вирусот на детска парализа тип 2, што е прв таков случај на оваа палестинска територија во последните 25 години.

Во септември во централна и јужна Газа се вакцинирани повеќе од 446.000 палестински деца, а кампањата за вакцинирање на последните 200.000 деца во северна Газа започна на 10 септември и покрај ограничениот пристап на здравствените работници, наредбите за евакуација и недостигот на гориво.

„Првиот круг од кампањата за вакцинација против детска парализа во Газа заврши успешно“, оцени Лазарини, додавајќи дека 90 отсто од децата во енклавата ја примиле својата прва доза.

„Страните во конфликтот во голема мера ги почитуваа различните неопходни „хуманитарни паузи“, покажувајќи дека кога постои политичка волја, помошта може да се оствари без пречки. Нашиот следен предизвик е да им гарантираме на децата втора доза вакцини на крајот на септември“, тој Лазарини на X. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан