• четврток, 26 декември 2024

УНРВА: Најмалку 176 наши работници се убиени од почетокот на војната во Газа

УНРВА: Најмалку 176 наши работници се убиени од почетокот на војната во Газа

Газа, 3 април 2024 (МИА) - Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА) соопшти дека најмалку 176 нејзини работници се убиени од почетокот на израелските напади врз Појасот Газа, јавува Анадолија.

„Хуманитарните работници не се мети и мора да бидат заштитени во секое време. Израел продолжува да ѝ забранува на УНРВА пристап до испорака на помош на северот од Појасот Газа“, соопшти раководството на УНРВА на социјалната мрежа Икс.

Портпаролот на Обединетите нации Стефан Дужарик вчера изјави дека од 7 октомври досега во Појасот Газа се убиени најмалку 196 хуманитарни работници.

Дужарик ја опиша палестинската територија како „едно од најопасните места во светот за работа“ за хуманитарните работници.

УНРВА е најголемата хуманитарна организација во Газа и се смета за столб на операциите за хуманитарна помош во Газа.

По обвинувањето на Израел дека некои членови на агенцијата на ОН биле вмешани во нападите на Хамас врз Израел, најмалку 17 земји, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Австралија и многу земји од Европската Унија, ја прекинаа поддршката за УНРВА. Сепак, неколку земји, вклучувајќи ги Франција, Шведска, Канада и Јапонија, најавија континуирана поддршка за УНРВА минатиот месец. ссм/

фото: архива

Остани поврзан