• вторник, 24 декември 2024

УНРВА: За една недела од војната во Газа раселени милион лица

УНРВА: За една недела од војната во Газа раселени милион лица

Ерусалим, 15 октомври 2023 (МИА) - Околу еден милион лица се раселени во Појасот Газа поради војната што избувна по крвавиот напад на израелска територија на 7 септември, соопшти денеска Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА).

Директорката за комуникации во оваа агенција на ОН, Џулиет Тума, процени дека околу „еден милион лица се раселени во првите седум дена од војната“ меѓу Израел и исламистичкиот Хамас во Газа.

Таа кажа дека оваа бројка веројатно ќе се зголеми, бидејќи луѓето продолжуваат да ги напуштаат своите домови.

Израел ги повика жителите на северот на опколената палестинска територија, околу 1,1 милион од вкупното население од 2,4 милиони, да се префрлат на југ од енклавата, наведувајќи дека ќе извршува напади врз северниот дел на градот Газа за да ги уништи оперативните центри на Хамас.

Во досегашните израелски напади врз Газа се убиени повеќе од 2.450 лица, наведуваат локалните власти. 

На израелска страна, пак, денешните податоци говорат за 1.300 убиени во нападите на командосите на Хамас, при што, според израелските власти, има и 126 киднапирани лица. сд/

фото: МИА архива

Остани поврзан