• четврток, 26 декември 2024

Уништена урбана опрема на градскиот кеј во Куманово

Уништена урбана опрема на градскиот кеј во Куманово
Куманово, 21 јули 2021 (МИА) - Непознати сторители уништиле дел од урбаната опрема на градскиот кеј во Куманово, информираа денеска надлежните од јавното претпријатие „Чистота и зеленило“. Случајот е пријавен во СВР Куманово, информираа од „Чистота и зеленило“. - Го осудуваме овој чин и уништување, кој го регистрираме речиси секој месец. Претходниот месец дел од клупите ги најдовме фрлени во речното корито. Се уништуваат садници, клупи, канти за смет, изјави директорката на претпријатието, Цветанка Ивановска. Вандалскиот чин го осуди и кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски. - Најостро го осудувам вандалскиот чин на уништување на урбаната опрема на градскиот кеј. Апелирам да покажеме општествена одговорност и да го сочуваме и одржуваме заедничкиот имот, објави Димитриевски. Ова не е прв случај на уништување на комунална опрема и друг јавен имот. Претходно, несовесни граѓани уништија штотуку поставена урбана опрема на локалитетот Студена Вода, често мета се и сообраќајни знаци. Мета на вандалите најчесто се и клупите поставени на градскиот кеј, во парковите и на останатите локации во градот. Неретко се случува откако ќе се обнови комуналната опрема, несовесни граѓани да ја уништат. Од Општината апелираа до граѓаните да пријават вандалско однесување и да споделат информации за уништување на заедничкиот имот. ам/мд/

Остани поврзан