• недела, 17 ноември 2024

Уништена урбаната опрема на Китиното Кале

Уништена урбаната опрема на Китиното Кале

Кичево, 25 мај 2021 (МИА) - При крај е проектот за целосна ревитализација на Китиното Кале. Граѓаните со нетрпение очекуваат да го видат новиот блесок на култното кичевско кале, но се повеќе се разочарани од глетката што им се укажува бидејќи неодговорни граѓани почнаа да уништуваат делови од штотуку монтираната урбана опрема.

-Ни многуте молби, ниту апели упатени до сите граѓани на Кичево во изминатиот период не дадоа резултат, бидејќи уништувањето на калето продолжува и понатаму, изјави Дарко Белески од Oпштина Кичево.

-Од она што најмногу стравувавме во однос на урбаната опрема која е поставена на повеќе локации на Китиното Кале, за жал повторно се случува. Неодговорни лица почнаа да ги кршат корпите за отпад и други делови од урбаната опрема и ако продолжат со овој интензитет да уништуваат на калето, тогаш се прашуваме што ли ќе остане здраво по само една година? Како самите не се свесни дека она што се уништува е поставено и за нивно добро и на нив ќе им служи, а не да се упропастува и да биде од ничија корист. Зарем  секој квадрат треба од овој локалитет да има чуварска служба за да не се случуваат вакви штети, нагласи проект-координаторот Белески.

И граѓаните во поголем дел се револтирани од крајно деструктивниот однос на група сограѓани, кои и пред завршувањето на проектот за ревитализација на Китиното Кале оштетија  дел од урбаната опрема.

-Како цивилизацијата се уште да не допрела кај поединци од нашиот град. Зарем се што се гради треба и веднаш да се упропасти. Оние лица кои прават големи штети на калето, како да не се свесни дека и самите себе се оштетуваат бидејќи оваа ревитализација се гради и со нивни пари, изјави Горан Нестороски од Кичево.

Тој пред 10-тина години со свои истомисленици постави урбана опрема на калето, а патоказите кои ги постави во тоа време се уште стојат на своето место благодарение на височината поради која не можат да ги стигнат оние што имаат намера и нив да ги оштетат и се уште се во функција за неупатените намерници на калето. за/мд/

Остани поврзан