• петок, 27 декември 2024

УНИЦЕФ: Речиси половина од членовите на бандите во Хаити се деца

УНИЦЕФ: Речиси половина од членовите на бандите во Хаити се деца

Вашингтон, 25 ноември 2024 (МИА) - Во Хаити, бројот на деца регрутирани од вооружените банди се зголемил за 70 проценти во 2023 година, предупреди Фондот за деца на ОН (УНИЦЕФ), истакнувајќи дека децата сочинуваат речиси половина од членовите на бандите.
 
Политичката нестабилност на Хаити трае со децении, но во последните месеци насилството во оваа земја значително ескалираше. Сега, бандите контролираат 80 отсто од територијата на главниот град Порт-о-Пренс.
 
„Невидениот пораст на насилството, регистриран меѓу вторите квартали на 2023 и 2024 година, укажува на влошување на кризата со заштитата на децата на овој карипски остров погоден од насилство“, се наведува во изјавата на УНИЦЕФ од синоќа.
 
Во моментов половина од сите членови на вооружените групи се деца, се истакнува во документот.
 
УНИЦЕФ го објаснува овој пораст на регрутирањето на деца со ескалацијата на насилството, раширената сиромаштија, недостатокот на образование и речиси целосното уништување на клучната инфраструктура.
 
-Децата на Хаити се заглавени во порочен круг – тие се регрутирани во истите вооружени групи кои ја влошуваат нивната очајна положба, а нивниот број продолжува да расте, изјави Кетрин Расел, извршна директорка на УНИЦЕФ,, додавајќи дека „оваа неприфатлива тенденција мора да запре со тоа што безбедноста и добросостојбата на децата ќе станат приоритет за сите страни“. кб/сд/
 

Остани поврзан