• сабота, 23 ноември 2024

УНИЦЕФ и ФИТР во поддршка на младинското социјално претприемништво

УНИЦЕФ и ФИТР во поддршка на  младинското социјално претприемништво

Скопје, 22 септември 2023 ( МИА) -  Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТД) и Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) денеска потпишаа нов Меморандум за соработка за продолжување на успешната приказна со програмата UPSHIFT до 2025 година.

Како што соопштуваат од УНИЦЕФ, програмата UPSHIFT им овозможува на младите на возраст од 13 до 19 години да дизајнираат иновативни решенија за социјални проблеми што ги идентификувале во нивната заедница. Во оваа програма учествуваа околу 300 млади луѓе, од кои триесет добија решение за  почетно финансирање и идеите беа спроведени во пракса. Меѓу нив, имаат  иновативни решенија како што се: систем за собирање и дистрибуција на дождовница и систем капка по капка за земјоделското средно училиште во Скопје

-Заедно со УНИЦЕФ делиме заедничка визија, а тоа е да ја поддржиме креативноста, иновативноста и подобрување на вештините на младите, на тој начин создавајќи просперитетна иднина на младите во нашата земја. Фондот во својата работа акцент става на поддршка на докажано најуспешните програми кои го поттикнуваат потенцијалот на младите под една сеопфатна национална програма „Фонд за млади умови”, со која им овозможуваме на младите да учествуваат на интелектуално стимулативни програми надвор од формалното образование, како „Предизвик за млади истражувачи”, „Junior Achievement” и други, изјави Фестим Халили, директор на Фонд за иновации и технолошки развој, се наведива во соопштението.

Оттаму наведуваат дека во текот на изминатите три години, програмата UPSHIFT беше катализатор за неверојатниот потенцијал на младите луѓе да ги идентификуваат и да се справат со еколошките предизвици во нивните заедници и да создадат иновативни решенија, кои беа подеднакво важни и препознаени како лидери за активностите што треба да ги преземеме за да ја ублажиме ранливоста на климатските промени.

-Среќни сме што заедно со ФИТР можеме да продолжиме да создаваме вакви можности за младите иноватори во земјата, рече Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ.

Програмата започнува со локален повик за групи на деца од 13-19 години да дизајнираат иновативно решение за социјален проблем што го идентификувале во нивната заедница. Таа  претставува комбинација од работилници за социјални иновации со менторство, материјали и почетно финансирање, градејќи ги вештините на младите луѓе. љм/ац/

Фото: УНИЦЕФ

Остани поврзан