• четврток, 26 декември 2024

Довербата во вакцините што се примаат во детството се намалува и кај нас, покажува извештајот на УНИЦЕФ

Довербата во вакцините што се примаат во детството се намалува и кај нас, покажува извештајот на УНИЦЕФ

Скопје, 20 април 2023 (МИА) - Довербата во вакцините што се примаат во детството се намалува ширум Европа и Централна Азија, вклучително и во Северна Македонија, покажува новиот глобален извештај на УНИЦЕФ.

Перцепцијата на јавноста за важноста од рутинската вакцинација на децата е намалена во Северна Македонија од почетокот на пандемијата на Ковид-19, покажува новата анализа на податоци за 55 земји од светот, од кои 29 се наоѓаат во Европа и Централна Азија, вклучувајќи ја и нашата држава. Анализата е дел од новиот глобален извештај што УНИЦЕФ го објави денеска.

Извештајот „Состојбата на децата во светот во 2023: Вакцинација за секое дете“ претставува најсеопфатна проценка на рутинската имунизација што досега ја има направено УНИЦЕФ. Врз основа на податоци од 2021 година, извештајот посочува дека во Европа и Централна Азија, второто место на негативната ранг листа на земји според бројот на деца со „нула дози“ го делат Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Киргистан - 11 отсто од децата помали од една година, по Молдавија, каде оваа стапка изнесува 13 проценти. Терминот „нула дози“ се однесува на децата кои немаат примена никаква вакцина.

- Иако опфатот со рутинска вакцинација на децата во Северна Македонија порасна во последнава година по пандемијата, она што загрижува е падот на довербата во вакцините што се даваат во детството. Имунизацијата е една од најзначајните успешни приказни на човештвото. Таа доведе до искоренување на болести како вариола вера и спаси милиони животи од опасни заболувања меѓу кои ќе ги споменам малите сипаници и полиото, изјави Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ во земјата.

Според неа, „не смееме да дозволиме бранот од страв и дезинформации, дополнително засилен од пандемијата, да ги доведе под ризик животите на децата“.

На глобално ниво, падот на довербата се случува во време на најголемо континуирано назадување во областа на имунизацијата на децата што трае последниве 30 години. Пандемијата го наруши вакцинирањето на децата речиси насекаде, најмногу заради огромните притисоци врз здравствените системи, пренасочувањето на ресурсите за имунизација кон вакцинацијата против Ковид-19, дефицитот на здравствени работници и карантинските мерки што им беа наметнати на граѓаните. Како последица, 67 милиони деца на светско ниво не беа рутински вакцинирани во периодот меѓу 2019 и 2021 година, при што опфатот со вакцинација опадна во 112 земји. 

За разлика од светските трендови, каде децата кои живеат во најсиромашните и руралните средини, се тие, кои најчесто не добиваат една или повеќе рутински вакцинации, состојбите во Европа и Централна Азија, вклучително и во Северна Македонија, се такви што присуството на деца под една година со „нула дози“ е поголемо во урбаните средини и побогатите домаќинства.  

Глобалниот извештај дава листа со препораки. Меѓу оние за Северна Македонија се да се продолжи со идентификување на сите невакцинирани деца и истите да се вакцинираат, особено оние кои пропуштија вакцинации за време на пандемијата на Ковид-19, потоа да се зајакне довербата во вакцините и побарувачката, вклучително и преку тесна соработка со локалните заедници со цел решавање на нивните потреби и грижи поврзани со вакцинацијата, исто така да се даде приоритет на финансирањето на службите за имунизација и примарната здравствена заштита, како и да се изградат отпорни здравствени системи преку инвестирање во здравствените работници. бд/ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан