• петок, 27 декември 2024

Универзитетот „Мајка Тереза“ дел од Еразмус-проект за заштита на младите од ризиците на социјалните мрежи

Универзитетот „Мајка Тереза“ дел од Еразмус-проект за заштита на младите од ризиците на социјалните мрежи

Скопје, 13 февруари 2023 (МИА) – Како младите да се заштитат од ризиците на социјалните мрежи е целта на тригодишен проект одобрен од образовната програма на ЕУ Еразмус+, во чија реализација учествува Универзитетот „Мајка Тереза“ (УМТ) од Скопје и ќе го имплементира со партнерски институции од Бугарија, Австрија и Полска.  

По тој повод УМТ денеска организираше панел-дискусија  на тема „Превенција на опасните виртуелни трендови кај младите на која беа соопштени целите и очекувањата од проектот.

Како што соопшти Владимир Китановски од УМТ, се прават анализи за актуелната ситуација за ризици на кои се изложени младите за потоа да се изготви методологија-водич за тоа како можат да се заштитат.

-Ова е долгорочен проект кој ќе се имплементира 36 месеци. Имаме пет работни пакети, планираме да постигнеме многу резултати. Почнуваме од самиот корен на нештата. Дигитализацијата е процес што неминовно се случува, сакале или не, ја имаме на секој чекор, но тука имаме и ризици и опасни трендови. Мора да ги евалуираме, да дејствуваме и да ги заштитиме најранливите, а тоа се младите, рече Китановски.

Проектот ќе опфати тренинзи за обучувачи, за да се постигне самоодржливост и по неговото завршување.

-Резултати што ќе останат и потоа, зашто сите млади луѓе кои ќе ги обучиме ќе може знаењата да ги предаваат и на други луѓе и кога ние нема да бидеме обучувачи. Ова е комплексна задача, но ние имаме капацитет да одговориме на предизвиците, додаде Китановски.

Насер Мифтари, професор по историја во гимназијата „Зеф Љуш Марку“ и учесник во панел-диксусијата, изјави дека целта е да се обидат да дадат совети за едукација на младите.

- Треба да направиме храбар исчекор во однос на традиционалното и да го напуштиме. Затоа што светот живее во дигитална ера и ние се обидуваме да ги едуцираме младите сериозно да ги сфатат новите предизвици, додаде Мифтари. хс/нд/

Остани поврзан