• сабота, 27 јули 2024

Универзитетот во Тетово одржа свечена академија по повод 29 годишнината од основањето

Универзитетот во Тетово одржа свечена академија по повод 29 годишнината од основањето

етово, 15 декември 2023 (МИА) - Со свечена академија Универзитетот во Тетово ја одбележа 29 годишнината од основањето. Пригодни говори одржаа ректорот Јусуф Зејнели, претседателот на Собранието Талат Џафери и министерот за образование Јетон Шаќири. Одржана беше и културно-уметничка програма.

Ректорот Јусуф Зејнели во обраќањето истакна дека во учебната 2023/2024 година значително е зголемен бројот на нови студенти во различни насоки на студиските програми што ги нудат 13-те академски единици и истакна дека довербата што им ја дале студентите и нивните семејства ги прави горди, но и посвесни за одговорноста и товарот што го носат.

- Со овие 29 години активност во служба на високото образование, Универзитетот во Тетово одигра многу важна улога во образованието на многу генерации кои се профилираа како професионалци во различни области, а денес, со полно право, горди сме кога тие се на раководни функции во највисоките државни институции кај нас и пошироко. Ова импресивно достигнување, секако, е посветено на сите наши професори кои низ годините придонеле за развојот на Универзитетот, истакна ректорот Јусуф Зејнели.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери во своето обраќање пред присутните на одбележувањето рече дека како законодавци прават сè за да создадат поповолни и посоодветни услови за благосостојбата, интелектуалниот раст и развој на младите поколенија.

- Предизвиците се големи, меѓутоа ние сите имаме обврска да им понудиме најдобра појдовна точка за да го држат чекорот со светот. Денес, Тетово е универзитетски град со огромен студентски потенцијал каде енергијата, волјата и визијата се чувствува во секој агол и ние треба да направиме сè оваа младешка енергија, да се канализира, да се ориентира и да се искористи на најдобриот можен начин, за доброто на студентите, на локалната средина меѓутоа и централната. Да придонесеме за да сакаат да останат тука, во татковината, тука да ја гледаат надежта и перспективата за исполнување на професионалните аспирации меѓутоа, над сè, на семејните, јас сум убеден дека нивниот успех ќе биде најголемата награда за сите нас, истакна Џафери.

Универзитетот почна со предавања во 1994 година, а во јануари 2004 година беше легализиран со усвојување на закон од страна на Собранието за основање на Државниот универзитет во Тетово. ас/ир

 

Фото: Собрание  

Остани поврзан