• четврток, 26 декември 2024

УНЕСКО: Талибанците во Авганистан намерно ги задржуваат 1,4 милиони девојчиња надвор од училиште

УНЕСКО: Талибанците во Авганистан намерно ги задржуваат 1,4 милиони девојчиња надвор од училиште

Париз, 15 август 2024 (МИА) - Во Авганистан 1,4 милиони девојчиња се намерно лишени од училиште од страна на Талибанците, соопшти УНЕСКО, пренесоа светските агенции. 

-Авганистан денес е единствената земја во светот која забранува пристап до образование за девојчињата постари од 12 години и за жените. Правото на образование не може да се преговара. Меѓународната заедница мора да остане целосно мобилизирана за да постигне безусловно отворање на училишта и универзитети за девојките и жените од Авганистан, рече генералната директорка на УНЕСКО, Одри Азулај.

Ако се додаде бројот на девојчињата кои беа повлечени од училиште пред да се вратат талибанците пред три години, денес 2,5 милиони авганистански девојчиња се лишени од средно образование, 80 отсто од девојчињата на училишна возраст.

Талибанците исто така им забранија на жените да подучуваат момчиња, иако земјата страда од недостиг на квалификувани наставници.

УНЕСКО е загрижен и за можното зголемување на случаите кога децата мораат да работат и на детски свадби. Дополнително на ова, недостигот на изградени компетенции кај децата може да му наштети на развојот на земјата на долг рок.

За да се надминат забраните и да се понудат алтернативи за авганистанските семејства, постојат различни иницијативи. На пример, париската невладина организација „Бегум“ лансираше радио во 2021 година и кабловска телевизија оваа година. Секој ден тим од 10 авганистански новинари нуди шест часа едукативна содржина на двата јазика што се зборуваат во Авганистан - дари и пашту. УНЕСКО ја поддржува оваа иницијатива, но вели дека ништо не може да го замени учењето лице в лице.

Организацијата веќе обучи повеќе од 1.000 посредници, вклучително и 780 жени, за да едуцираат повеќе од 55.000 млади во 1.900 села во Авганистан. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан