• среда, 25 декември 2024

УНЕСКО: Во последните две години, на секои четири дена е убиен по еден новинар

УНЕСКО: Во последните две години, на секои четири дена е убиен по еден новинар

Париз, 2 ноември 2024 (МИА) - Според новиот извештај на УНЕСКО, објавен денеска на Меѓународниот ден за борба против неказнивоста на злосторствата против новинари, во последните две години на секои четири дена бил убиен по еден новинар, пренесува ДПА.

Од вкупно 162 убиства на новинари во 2022 и 2023 година, регистрирани од базираната во Париз организација на ООН за образование, наука и култура, повеќе од половината се случиле во земји погодени од вооружени конфликти. Според извештајот, повеќето новинари загинале во своите матични земји.

Тие што загинале во земји кои не се зафатени од конфликти, биле убиени поради известување за теми како организиран криминал или корупција или при покривање протести. Извештајот, кој се изготвува на секои две години, го анализира глобалниот статус на безбедноста на новинарите.

Во документот се наведува дека 162-те потврдени убиства на новинари во периодот 2022-2023 претставуваат „зголемување од 38 отсто во однос на претходниот двегодишен период кога УНЕСКО регистрирала 117 случаи. Овој период исто така претставува најголем број убиства од двегодишниот период 2016-2017 година.“

Мексико била земјата со најмногу убиства на новинари во 2022 година со 19 случаи, додека во 2023 година најголем број случаи - 24, биле регистрирани во палестинските територии, објави УНЕСКО.

Според извештајот, Јужна Америка, Карибите и арапските земји се региони каде биле убиени најмногу новинари.

Дополнително, во повеќето случаи никој не бил одговорен за овие убиства. УНЕСКО објави дека процентот на неказнивост на глобално ниво во 2024 година изнесувал 85 отсто, што е мало намалување од 89  отсто во 2018 и 95 отсто во 2012 година.

- Овие злосторства не смеат и не можат да останат неказнети. И сепак, тоа сè уште е случај за речиси 85 отсто од нив, изјави генералната директорка на УНЕСКО Одри Азуле.

- На овој меѓународен ден да се потсетиме на важноста од безбедност, независност и заштита на новинарите во нивната работа, која е од круцијално значење за мирот и социјалниот напредок, додаде Азуле. ссм/

фото: архива

Остани поврзан