• сабота, 23 ноември 2024

Унгарскиот парламент на вонредна седница расправа за приемот на Шведска во НАТО, Фидес на Орбан бојкотира

Унгарскиот парламент на вонредна седница расправа за приемот на Шведска во НАТО, Фидес на Орбан бојкотира

Будимпешта, 5 февруари 2024 (МИА) - Унгарскиот парламент денеска се собра на вонредна седница на барање на опозицијата за да го стави на дневен ред приемот на Шведска во НАТО, но владејачката партија одлучи да ја бојкотира седницата.

- Премиерот Виктор Орбан тоа го одложува од лична суета. Тој сака да биде на странските наслови и во исто време да му прави гест на рускиот претседател Владимир Путин со поткопување на единството на НАТО и ЕУ, изјави претставничката на најголемата опозициска партија, Демократската коалиција, Агнес Вадаи. 

Вадаи смета дека Орбан со ваквата политика „ја загрозува националната безбедност на Унгарија“.

На седницата присуствуваат американскиот амбасадор во Будимпешта и уште неколку амбасадори од земјите на НАТО, што е своевиден притисок врз Будимпешта да го ратификува шведското барање, наведуваат британските меидуми. 

Амбасадорите не дадоа никакви коментари при влегувањето во зградата на унгарскиот Парламент.

САД во петокот ја повикаа Унгарија да го донесе политичкиот заклучок за шведското членство во Алијансата. Премиерот Орбан вети дека ќе го стори тоа „при првата можност“.  „Сесијата на парламентот во понедленик е една таква можност“, соопшти во петокот американската Амбасада.

Но, Орбан прво ја чека посетата на неговиот шведски колега кого го покани во Унгарија за да ја врати „довербата“ по, како што тврди, годините „оцрнување“ на унгарската Влада. Улф Кристерсон ја прифати поканата, но ја отфрла идејата за „преговори“ и „барања“ во врска со кандидатурата за НАТО.

Откако Турција во јануари го ратификуваше приемот на Шведска во НАТО, Унгарија е последната земја-членка на Алијасната што се уште не го сторила тоа. Унгарија, која е единствена во ЕУ која одржува блиски врски со Кремљ, во принцип ја поддржува кандидатурата на Шведска за НАТО, но со месеци ја одложува ратификацијата. сд/

Остани поврзан