• среда, 27 ноември 2024

УМПАКИ го отвори Меѓународниот форум за креативни индустрии

УМПАКИ го отвори Меѓународниот форум за креативни индустрии
Скопје, 3 ноември 2022 (МИА) - Меѓународниот форум за креативни индустрии и улогата на женското претприемништво во креативната економија во организација на Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии - УМПАКИ Скопје беше отворен денеска во киното „Синеплекс“. Форумот се организира со цел поттикнување дискусии за креативните индустрии, креативното и културното претприемништво, жените претприемачи во креативните и културните индустрии и иновациите, за да се забрза напредокот во овие индустрии, а со самото тоа да се придонесе кон побрз економски раст и развој на државата воопшто. Министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, на отворањето на форумот рече дека македонската економија има огромен, но, како што рече, „за жал неискористен потенцијал за развој, а тоа се токму креативните индустрии“. - Имаме луѓе кои знаат и умеат, луѓе кои со своите дела веќе се имаат докажано на светската сцена, но, мора да направиме многу повеќе за да ги поттикнеме, рече таа, дополнувајќи дека се отворени за соработка за сите идеи кои од една страна би ја промовирале македонската култура, а од друга страна може да прераснат и во профитабилен, креативен бизнис. Елена Бојаџиева Цветковска, претседателка на УМПАКИ, рече дека очекува дека овие два дена ќе бидат споделени многу интересни, успешни приказни од жени претприемачи и, како што рече „верувам дека ќе имаме шанса да слушнеме како може да се одржи еден креативен еко-систем“. - Идејата на овој форум е да биде платформа на споделување знаење и искуство и можности за соработка помеѓу организациите и засегнатите од една, и институциите од друга страна, рече таа. Форумот претставува настан во два дена на кои ќе се промовираат креативните индустрии, концептот на креативно културно претприемништво кај жените, искуства и практики од земјите во регионот како Албанија, Србија, Бугарија и Хрватска и релевантни експерти кои имаат искуство и продлабочени знаења на темата, како и успешни домашни креативни претприемачи. Во рамките на форумот ќе се одржи и панел дискусија на тема „Претприемништво во креативните индустрии: влијание врз економијата“, како и работилница менторирана од експерти од партнерската организација КЕА од Брисел. ар/ац/

Остани поврзан