• среда, 18 декември 2024

„Уметничко патување“ од денеска до 20 декември во Тетово

„Уметничко патување“ од денеска до 20 декември во Тетово

Тетово, 16 декември 2024 (МИА) - „Уметничко патување“ е насловен проектот кој продукцијата Арбфилм со поддршка од Министерството за култура на Република Северна Македонија ќе го реализира во Тетово во соработка со ЕУ инфо куќата и Факултетот за уметности при Универзитетот во Тетово. Станува збор за проекции на филмови, изложба на фотографии и каталог од 16 до 20 декември 2024.

-Овој проект има за цел да создаде мост меѓу уметниците и публиката, славејќи ја уметноста и културното наследство, со разновидна програма и посебен фокус на промоција на албанските уметници од Северна Македонија. „Уметничко патување“ ветува неповторливо и инспиративно доживување за љубителите на уметноста, информираат од Арбфилм продукцијата.

ЕУ инфо куќата и Факултетот за уметности – УТ во Тетово ќе бидат домаќини на овој настан, каде пет дена по ред ќе се прикажуваат играни филмови на албански режисери од Северна Македонија.

-Програмата на филмовите почнува во понеделник, 16 декември, и ќе трае до петок, 20 декември, сите со почеток во 19 часот. Ќе бидат прикажани филмовите „Враќање“ од Кастриот Абдили, „Таткото“ од Шќипе Дука, „Незаборавна пролет во заборавено село“ од Куштрим Бектеши, „Исчезнатиот“ од Арбен Тачи, „Скриениот“ од Арсим Фазлија. Филмовите ќе бидат со превод на македонски јазик, информираат од Арбфилм продукција.

Како што соопшти организаторот, на последниот ден, 20 декември, во просториите на ЕУ Инфо куќата, ќе се организира изложба на селектирани фотографии од професионалци и аматери кои прикажуваат уникатни моменти „уловени“ со мобилни телефони, како и Каталог кој ги документира албанските актери. Изложбата в петок ќе биде отворена во 13 часот и ќе остане отворена до проекцијата на филмот „Скриениот“ во 19 часот. ас/хс/ 

Фото: Арбфилм продукција 

Остани поврзан