• петок, 26 јули 2024

Уметничка акција „Стапица за антиваксери“

Уметничка акција „Стапица за антиваксери“

Да, добро прочитавте, стапица за антиваксери поставивме денес  во Скопје во Прота Буњаковец (сквер кај  КИМ). Се работи за една од низата уметнички акции на групата Урбани уметнички акции  (Урбана герила),  преку кои дел од македонските уметници  активно се вклучуваат во борбата против лажните вести и дезинформациите. 

Акцијата „Стапица за антиваксери“ е посветена на борбата со лажните вести и дезинформациите кои се однесуваат на вакцините и на тој начин претставуваат сериозна закана по јавното здравје на секој од нас. Антиваксерското движење секојдневно јакне во Македонија и регионот, и тоа главно како резултат на лажните вести и дезинформациите поврзани со вакцините, кои секојдневно ги преплавуваат социјалните мрежи и онлајн просторот. Поразителниот резултат можевме да го видиме и оваа пролет, кога Македонија беше соочена со сериозна закана од експлозија на епидемијата на болеста Големи сипаници или попозната како црна или магарешка кашлица. 

Во оваа уметничка акција авторот на делото Љубиша Камењаров на свој специфичен начин  користејќи аналогија на стапица за глувци на публиката и ја претставува стапицата која ја поставуваат антиваксерсите лажни вести и на која неретко се ловат лесноверните граѓани, кои не се во состојба да препознаат лажни вести. 

Правејќи длабинска анализа на најчестите наративи на антиваксерите авторот ги разложува и преку факти ги побива лажните наративи и дезинформациите поврзани со вакцините, притоа користејќи релевантни податоци добиени од извори како што се Светската здравствена организација (СЗО) и Американскиот медицински журнал (American Journal of Medicine). 

Како најчести лажни наративи поврзани со вакцините авторот на оваа акција ги одбира и ги обработува следните теми: 

Лажна вест: Вакцините предизвикуваат Аутизам 

Факт: Не постои и не е докажана никаква поврзаност помеѓу вакцините и Аутизмот кај децата. 

Лажна вест: Вакцините не функционираат и не штитат

Факт: Најмалку 3 милиони животи годишно се спасени благодарение на вакцините, а ако на тоа се додаде дека многу смртоносни болести се скоро исчезнати вакцините годишно спречуваат над 300 милиони смртни случаи од инфективни болести. 

Лажна вест: Вакцините содржат токсични материи

Факт: Просечниот животен век на луѓето е продолжен за најмалку 10 години а смртноста кај бебињата и децата под 5 години е намалена за над 250% благодарение на вакцинацијата. 

Лажна вест:  Владите и светските лидери сакаат да не чипираат преку вакцините.

Факт: Владите на големите земји и светските лидери се „значително заинтересирани“ што прави и каде оди Трајанка од Ново Село. 

Лажна вест: Вакцините предизвикуваат стерилитет. 

Факт: „Бејби бум“ генерациите се дело на вакцинирани родители а најголем пораст на населението во минатото па и денес бележат државите со задолжителна вакцинација (Кина, Индија) 

Лажна вест: Природниот имунитет е подобар од вакцините.

 Факт: Иако ова е делумно точно голем број од заразните болести имаат висок процент на смртност (некои и над 90%) па шансите за преживување и стекнување имунитет се мали. 

Лажна вест: Господ не дозволува вакцинација. 

Факт: Ниту една од поголемите религии не ја забранува вакцинацијата и нема негативен став по тоа прашање, напротив во многу држави и региони верските лидери активно работат на промоција на вакцинирањето како основен модел за заштита од заразни болести. 

Акцијата/инсталацијата „Стапица за антиваксери “ е просторна инсталација работена во мешани медиуми со димензии 140х200х30цм изработена во рамките на проектот „Дезинформации – креативно замаглување на умот“, што заеднички го спроведуваат Центар за современа уметноста, СКУП – Центар за истражувачко новинарство и Националното радио Канал 77. 

Проектот е подржан од Програмата за дигитален активизам на TechSoup Global.

 

Центар за современи уметности

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Фото: Центар за современи уметности

Остани поврзан