• четврток, 26 декември 2024

Уметничка акција „Лицидерски колачиња и лажни вести – слатки лаги и горчлива вистина“ на Центарот за современи уметности

Уметничка акција „Лицидерски колачиња и лажни вести – слатки лаги и горчлива вистина“ на Центарот за современи уметности

Скопје, 9 август 2024 (МИА) - Лагата може има разни пакувања, таа се завива во обланда, се шара, се украсува и се прави сѐ за таа да изгледа што поубава, но сепак таа на крајот останува само лага. Затоа неретко за многу работи велиме дека се „шарени лаги“. Водени од оваа констатација и со желба колку е можно покреативно да ги предупредат граѓаните за постоењето и штетните последици од лажните вести, Центарот за современи уметности ја креираше уметничката акција „Лицидерски колачиња и лажни вести – слатки лаги и горчлива вистина“, преку која ја потенцираат важноста на темата на лажните вести кои нѐ опкружуваат и влијаат на нашите ставови и перцепции.

- Во оваа акција изборот на предлошката односно лицидерското срце и колаче воопшто не е случаен. Овие „колачиња“ кои на големо се изработувале во периодот од крајот на 18 век па наваму во западна Европа, централна Европа и на Балканот имале за цел да привлечат интерес и да ги залажат купувачите да купат нешто што им е непотребно бидејќи лицидерските колачиња во минатото иако биле „колачиња“ не можеле да се јадат од причина што содржеле гипс за можат долго време (некогаш и со години) да ја задржат својата форма и колорит и всушност само се викале колачиња а биле ритуални сувенири и играчки, информираат од Центарот за современи уметности.

На овој начин, како што истакнуваат, сакаат да ја истакнат паралелата помеѓу шарената лага која е добро позната и вкоренета во колективната меморија на нашите простори и лажните вести кои се присутни насекаде околу нас и често оневозможуваат цели групи и заедници да ја видат вистината, заслепувајќи ја јавноста со шарени лаги спакувани во лажни вести на кои наседнуваат голем број граѓани.

Од Центарот за современи уметности посочуваат дека користејќи ја уметноста и уметничкиот израз кој има моќ да влијае на перцепциите и емоциите на публиката, креативноста и уметноста треба поактивно да се вклучат во борбата против лажните вести кои одвнатре го нагризуваат нашето општеството насочувајќи ги граѓаните кон погрешни заклучоци.

-Самата акција во своето обраќање до публиката потенцира дека лажните вести се креираат со цел да ја дезинформираат јавноста и да ги наведат луѓето на погрешни заклучоци и водат кон поларизација на општеството со цел да се предизвикаат поделби и конфликти, ширење паника, намалување на довербата во медиумите, политичка манипулација но и да се влијае врз јавното мислење. Делото е со димензии 500 х 200 х 300 см и е поставено во јавен простор во центарот на Скопје на локацијата на малиот сквер кај Ким во порта Буњаковец, се наведува во соопштението од Центар за современи уметности.

Акцијата е подготвена од Центарот за современи уметности во рамките на проектот „Со уметност против лажни вести“, поддржан од Програмата за дигитален активизам на TechSoup Global. дма/ац/

Фото: Центар за современи уметности

Остани поврзан