• среда, 18 декември 2024

Уметницата Ивана Настески од Тетово со самостојна изложба на акварели во Белград

Уметницата Ивана Настески од Тетово со самостојна изложба на акварели во Белград

Тетово, 30 август 2022 (МИА) - Ивана Настески, уметница од Тетово, со самостојна изложба ќе ја претстави својата уметничка работа во главниот град на Србија, Белград. Во ДИВАРТ галерија во Белград од 6 до 16 септември ќе бидат изложени 18 нејзини уметнички дела-слики изработени во техниката акварел.

Ликовниот критичар од Белград, Весна Тодоровиќ, во текстот посветен на изложбата „Тајниот код на Сонцето во акварелот на Ивана Настески“ порачува дека публиката ќе има можност да види акварели од Ивана за Шар Планина и Охрид видени низ очите и душата на едно срце полно со љубов, пренесено со боја на хартија.

- Најновите мотиви на акварелот на Ивана се целосно насочени кон два топоними Шар планина и Охрид, градот, езерото и крајбрежјето. Набљудувани на картата, овие географски обележја ја цртаат западната вертикална линија на правец север/југ на родното место на Ивана. Но, нивното позиционирање во животот и постоењето на Ивана е многу поважно од картографското, всушност е од суштинско значење, бидејќи потекнуваат од рамката на човечкиот аспект.  Онаа што потекнува и излегува од самата срж на душата, создадена од најтенкото ткиво, вдишена и натопена од Сонцето уште пред раѓањето, за да живее и создава со тој скапоцен ген во неговиот животворен знак, појаснува таа.

Оттука, како што вели, секој акварел на Ивана го носи тој Сончев знак, отелотворен, излеан во топлата светлина на боите, дури и кога боите доаѓаат од „ладниот“ спектар.

- Тоа е отелотворено во свесните, сигурни потези на непрестајната логика на испорака - во ритамот на дишењето. Дишење, кое го забрзува својот ритам пред убавината и величественоста на пејзажот, додавајќи драматичен акцент на сцената, целосно во согласност со нејзиниот карактер, и вековниот ефект врз човековата душа, кој народниот поет/музичар го овековечи за сите времињапишува Весна Тодоровиќ.

Ивана Настески е родена 1981 година во Тетово. На Факултетот за ликовна уметност при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“-Скопје во 2004 има дипломирано на одделот графика, а во 2009 магистрирала на одделот графика и графички техники.

Со самостојни изложби освен во родниот град се претставила и во Скопје, Охрид, Кавадарци, Прилеп, Белград, Шабац и Дрезден, а на групни изложби повеќе македонски градови како и во Србија, Русија, Грција, САД, Португалија, Кина, Швајцарија, Мексико, Тајван Шпанија Словенија. Учествувала на бројни меѓународни графички биенални и триенални изложби.

Член е на ДЛУМ од 2009 година, а добитничка е на повеќе награди меѓу кои и Гран при награда за графика на Македонија. ас/ар/

Остани поврзан