Умеров: Разговорите со САД ќе продолжат во Давос
- Главниот украински преговарач Рустем Умеров синоќа изјави дека разговорите со американските претставници за решавање на конфликтот во Украина ќе продолжат на Светскиот економски форум во Давос, што почнува денеска
Киев, 19 јануари 2026 (МИА) – Главниот украински преговарач Рустем Умеров синоќа изјави дека разговорите со американските претставници за решавање на конфликтот во Украина ќе продолжат на Светскиот економски форум во Давос, што почнува денеска.
Тој на Телеграм објави дека дводневните разговори во Флорида со американските преговарачи, меѓу кои и специјалниот претставник Стив Виткоф и зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, се фокусирале на безбедносните гаранции и планот за повоена обнова на Украина.
Тој не прецизираше дали на состанокот се постигнати некакви договори.
- Се согласивме да продолжиме да работиме на тимско ниво за време на следната фаза од консултациите во Давос, наведе Умеров.
Според него, за време на последната рунда консултации, двете страни работеле на деталите од договорот и „длабински разговарале“ за прашања поврзани со „практични механизми и нивно спроведување во пракса“.
Умеров додаде дека неговата делегација ја информирала американската страна за минатонеделните руските напади, при што е оштетена енергетската инфраструктура на Украина. ми/
фото: ЕПА