• четврток, 26 декември 2024

Улрих Зајдл: Мојот престој во Скопје на „Киненова“ ќе го искористам да гледам македонски филмови

Улрих Зајдл: Мојот престој во Скопје на „Киненова“ ќе го искористам да гледам македонски филмови

Скопје, 12 октомври 2024 (МИА) - Морам да признаам дека не сум упатен во македонскиот филмски пејзаж. Поради мојата секојдневна работа како автор, режисер и продуцент, општо земено, имам мошне малку време воопшто да гледам филмови. Се надевам дека мојот престој во Скопје при учеството на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ ќе можам да го искористам да го надоместам овој кусок и да ги дознаам филмовите што безусловно морам да ги гледам. Тоа уште сега многу ме радува, изјави австрискиот режисер Улрих Зајдл.

Улрих Зајдл годинава доаѓа на МФФ Киненова, што ќе се одржи од 16 до 20 октомври, под мотото „Што е прво? Филмот или приказната?“. Тој е роден во Виена, Австрија во 1952 година. Студирал филм на Филмската академија во Виена.

Неговиот краток документарен филм „Топката“ (1982) за малку ќе довел до негово исфрлање од филмското училиште, како поради „морално и етички сомнителната“ содржина на филмот (се сметало дека во него ги исмева своите субјекти) така и поради неговата форма. Зајдл беше обвинет за презентирање на неизмонтиран филм.

Пред да режира наративни играни филмови, Зајдл ги режирал наградуваните документарни филмови „Добра вест“ (1990), „Љубовта на животните“ (1995) и „Модели“ (1998). „Исус, знаеш“ (2003) беше премиерно прикажан во официјалната конкуренција во Карлови Вари, каде ја освои наградата за најдобар документарен филм, додека „Во подрум“ (2014) и „Сафари“ (2016) беа прикажани вон конкуренција во Венеција.

Неговото долгометражно деби „Кучешки денови“ (2001) ја освои Големата специјална награда на жирито на Венецискиот филмски фестивал. „Увоз, извоз“ (2007) беше премиерно прикажан во официјалната конкуренција во Кан.

По повод неговото пристигнување на „Киненова“, Зајдл изјави дека го радува престојот во Скопје и се надева ќе ги дознае филмовите кои што безусловно мора да ги гледа.

-Моите филмски примери, т.е. моите т.н. филмски татковци, кои со својот светоглед и со својата уметничка програматика ми беа патоказ и кои ми ја поттикнуваа креативноста додека учев да станам режисер, ги имам споменато во стотици интервјуа. За жал, со срам морам да признаам дека не сум упатен во македонскиот филмски пејзаж. Тоа секако не е поврзано со Македонија како таква, туку со тоа што поради мојата секојдневна работа како автор, режисер и продуцент, општо земено, имам мошне малку време воопшто да гледам филмови. Се надевам дека мојот престој во Скопје при учеството на филмскиот фестивал КИНЕНОВА ќе можам да го искористам и за да го надоместам овој кусок и да ги дознаам филмовите што безусловно морам да ги гледам, рече режисерот.

Тој потенцира дека неговите приказни се автентични, се напојуваат од стварноста на нашиот живот, а и покрај тоа се фикционални. 

-Моите приказни се автентични, се напојуваат од стварноста на нашиот живот, а и покрај тоа се фикционални. Меѓутоа, моите филмови, кои априори немаат политичка содржина, се сепак политички во таа смисла што се одликуваат со општественокритички црти. Тие сликаат и скицираат, може да се каже, една обичајна слика на нашите западни општества, посочи Улрих Зајдл. бт/нд/

Фото: Улрих Зајдл

Остани поврзан