• четврток, 05 март 2026

Украинците со поморски дрон погодиле руски танкер во близина на Малта

Украинците со поморски дрон погодиле руски танкер во близина на Малта

Москва, 4 март 2026 (МИА) - Руското Министерство за транспорт денеска потврди дека украински поморски дрон нападна танкер за течен природен гас (LNG) под руско знаме во Средоземното Море.

Потврдата следуваше по претходните извештаи дека бродот се запалил во близина на Малта, објавува „Москва тајмс“ (The Moscow Times).

Според соопштението на Министерството, нападот се случил вчера во близина на малтешките територијални води, а целта бил танкерот за НЛГ - Arctic Metagaz.

„Танкерот превезувал товар од пристаништето Мурманск, а целата документација била во целосна согласност со меѓународните прописи“, се наведува во соопштението за медиумите.

Министерството тврди дека украинскиот поморски дрон што го нападнал танкерот бил лансиран од брегот на Либија. Тие го нарекоа инцидентот „чин на меѓународен тероризам и пиратство“.

Сите 30 члена на екипажот на танкерот биле спасени од малтешки и руски спасувачи, објави Министерството за транспорт.

Британските медиуми пренесуваат дека завчера вооружените сили на Малта добиле повик за помош од бродот Arctic Metagaz, што е под американски и британски санкции. Екипажот подоцна беше пронајден во чамец за спасување во либиската зона за пребарување и спасување.

Снимки, на кои се гледа како бродот гори во текот на ноќта, се појавија на социјалните мрежи, но нивната автентичност не можеше независно да се потврди. Досега нема коментари од Украина за овој инцидент.сд/јт/

Фото:Икс

Остани поврзан