• четврток, 26 декември 2024

Украинското ГРУ тврди дека нивни дрон погодил руска воена база на Крим, Русите собориле еден пред Москва

Украинското ГРУ тврди дека нивни дрон погодил руска воена база на Крим, Русите собориле еден пред Москва

Москва, 26 август 2023 (МИА) - Украинската воена разузнавачка агенција (ГРУ) утринава соопшти дека украински дрон ноќеска погодил руска воена база на Крим, додека локалното население тврди дека има жртви, јавуваат британските медиуми.

Претставници на ГРУ изјавија дека во нападот била нападната и  погодена 126-та крајбрежна одбранбена бригада, чие седиште се наоѓа во градот Перевалњоје, на повеќе од 200 километри од територијата контролирана од Киев.

-Потврдуваме дека дојде до погодок, изјави портпаролот на ГРУ, Андриј Јусов за порталот Лига.Нет, пренесен од британските медиуми.

Жителите на Перевалњоје на Телеграм пишуваат дека слушнале експлозии од воената база и тврдат дека има жртви.

„Две лица загинаа на полигонот, а едно е префрлено во болница во тешка состојба“, напишал еден од корисниците на Телеграм, додека друг изјавил дека влезот во градот е затворен.

Од друга страна, руската противвоздушна одбрана рано утринава уништила украинско беспилотно летало над Москва, соопшти руското Министерство за одбрана.

Како што се наведува во соопштението, дронот бил соборен над московската населба Истра, јави Тасс.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, на својот канал Телеграм, потврди дека дронот бил соборен додека се приближувал кон центарот на руската престолнина и дека во овој настан нема повредени.

По инцидентот, трите главни московски аеродроми Шереметјево, Домодедово и Внуково ги прекинаа летовите. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан