• среда, 18 декември 2024

Украински функционер: Европски контингент може да биде една од гаранциите за иден мир

Украински функционер: Европски контингент може да биде една од гаранциите за иден мир

Киев, 12 декември 2024 (МИА) – Распоредување европски воен контингент во Украина може да биде „една од гаранциите“ за идниот мир со Русија, изјави денеска неименуван висок украински функционер за АФП, додека прашањето се повеќе се споменува во Европа, јави Бета.

- Претпоставуваме дека прекин на огнот нема да биде доволен за да се реши проблемот. (Рускиот претседател Владимир) Путин секогаш го прекршува примирјето, рекол изворот, кој барал да остане анонимен.

- Затоа ни се потребни гаранции, а присуството на воени контингенти може да биде една од нив, нагласил украинскиот функционер, додавајќи дека Киев „генерално ги поддржува сите идеи кои имаат за цел да се гарантира сигурноста на мирот“.

Функционерот додал дека идејата за распоредување воен контингент во Украина е „идеја на Европејците“, а не на Киев.

- Гледаме дека Европа бара решенија за да избегне ескалација на војната … Францускиот претседател Емануел Макрон очигледно е иницијатор на таа идеја, изјавил украинскиот функционер.

За таа идеја беше разговарано денеска во Варшава на средбата меѓу Макрон и полскиот премиер Доналд Туск.

Туск, сепак, рече дека „засега Варшава не планира такви акции“.

Повеќето западни сојузници ја отфрлија таквата можност во минатото.

Сепак, Европејците стравуваат од американско повлекување од конфликтот во Украина, па дури и од притисок од Вашингтон за договор на штета на Киев, со враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа на 20 јануари. Новоизбраниот американски претседател повика на „итен прекин на огнот“ и преговори меѓу Киев и Москва.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, од своја страна, рече дека сака повеќе испораки на оружје и повеќе безбедносни гаранции од неговите западни сојузници пред какви било преговори со Москва. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан