• среда, 25 декември 2024

Украинските власти наредија евакуација на Купјанск, во харковскиот регион

Украинските власти наредија евакуација на Купјанск, во харковскиот регион

Киев, 16 октомври 2024 (МИА) - Украинските власти денеска наредија евакуација на градот Купјанск и три други локалитети во североисточниот регион Харков, бидејќи руските сили се приближуваат кон клучниот град, а властите се соочуваат со потешкотии во обезбедувањето резерви за текот на зимата.

Покрај Купјанск, железнички центар лоциран на реката Оскил, наредена е евакуација и за Борова на југ, во близина на градот Изум, уште еден голем логистички центар.

Купјанск беше заземен од руските сили на почетокот на инвазијата во февруари 2022 година, но беше повторно преземен од украинските сили подоцна истата година.

Гувернерот на регионот Харков, Олех Синјехубов, на националната телевизија изјави дека евакуацијата е задолжителна.

„Ситуацијата е најтешка во секторот Купјанск. На источниот брег на реката Оскил, која го дели градот, повеќе не можеме да го гарантираме обновувањето на електричната енергија, греењето и снабдувањето со вода поради постојаното гранатирање. Сите тимови за поправка веднаш се најдат под руски оган“, рече Синјехубов.

Руските сили се повеќе напредуваат во источниот украински регион Доњецк, а со месеци се активни и посеверно во регионот Харков, фокусирајќи се на Купјанск.

Харков, вториот по големина град во Украина, западно од Купјанск, беше под постојани ракетни и беспилотни напади во поголемиот дел од војната.

Главниот штаб на украинската армија извести дека во изминатите 24 часа во близина на Купјанск се случиле 19 битки, а седум се уште се во тек. паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан