• среда, 25 декември 2024

Украинска армија: Од почетокот на војната уништени 15 руски воени бродови во Црното Море

Украинска армија: Од почетокот на војната уништени 15 руски воени бродови во Црното Море

Киев, 18 ноември 2023 (МИА) - Украинската војска соопшти дека нејзините операции резултирале со уништување на вкупно 15 руски воени бродови во Црното Море од почетокот на војната, а уште 12 руски бродови биле оштетени.

Украина ги засили своите напади во Црното Море и против Крим, кој Русија го зазеде и го анектираше во 2014 година. Киев, исто така, соопшти и за серија напади врз воени бродови на Крим и во близина на полуостровот оваа есен, вклучително и голем десантен брод и подморница.

„Можете да ги преброите оние кои веќе се онеспособени. Тоа се 15 уништени и 12 оштетени бродови. Сето ова не е резултат на работата на беспилотните летала, но тие исто така имаат заслуга за неколку оштетени бродови“, рече портпаролот на украинската морнарица Дмитро Плетенчук.

Тој ја нарече Украина како „пример за нов тип на поморска војна“ што ја поттикна Русија да ги премести своите поморски сили на позиции што е потешко да се допре до оружјето со кое располага Киев.

„Русија, исто така, се соочува со логистички проблеми, поради потребата да се префрлат бродови во Новоросијск и периодично во Туапсе, двете пристаништа на источното крило на Црното Море, лоцирани југоисточно од Крим и подалеку од Украина“, додаде Плетенчук.

Украинската војска соопшти дека нејзините операции во Црното Море досега опфаќале напади врз седиштето на руската Црноморска флота во Севастопол и бродоградилиштето Керч, каде што бил оштетен брод кој сè уште не бил пуштен во употреба во флотата. паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан